Продолжувања на војните со медиумски средства

Полска новинарка му прави незгодно интервју на руски министер. Нејзиниот уредник му се извинува на министерот. Неговите шефови го набркуваат од работа.

Русија и Полска имаат еден куп историски теми околу кои со децении и векови се рчкаат. Последниот спор им е околу отстранувањето на спомен обележјето на советскиот генерал Иван Черњаковски. Според градоначалникот на Пјенижно -  куп старо железо. Но Русите имаат поинакви сентименти за генералот па го повикале полскиот амбасадор да го потсетат дека е тоа херој кој има загинато во борба против фашистите на 38 годишна возраст и дека за неговиот случај дури и Черчил му има испратено телеграма со сочувство на Сталин.

Но, Полјаците и натаму го сметаат Черњаковски виновен за завера против полските патриоти и погибија на околу 8.000 нивни сограѓани.

Таа тема се наметнала и за време на неодамнешното интервју за националната полска телевизија на рускиот министер за култура, дојден во земјата заради обележување на денот на холокаустот и жртвите во конц логорот Собибор.

Во емисија во живот Владимир Медински почнал да ги брани историските заслуги на генералот кога новинарката го прекинала со тврдењето:

- Черњаковски го уби дедо ми!

- Како тоа мислите, лично го убил, со пиштол?, прашал гостинот но домаќинката набргу ја затворила емисијата со задоволна насмевка, оставајќи го странскиот министер со зборовите:
- Но, ми дозволивте да завршам...

 

Овој скандал го натерал продуцентот на емисијата да му напише лично извинување на гостинот.

"Интервјуто ми остави горчина в устата. Ние емисиите ги подготвуваме со добра волја но сите ние имаме човечки слабости. Ова е индикатор дека ни треба малку поцврста уредничка контрола. Ова не е начин да се подобрат билатералните односи", пишал продуцентот барајќи да биде прифатено неговото извинување,

А тоа го скарало со неговите шефови, главните луѓе на телевизијата која е во сопственост на државата. Тие се оградиле од неговото извинување и рекле дека куќата не го дели неговото мислење. Па го повикале и набргу издејствувале да си оди од таму, со взаемна согласност.

Подоцна министерот за култура рекол дека новинарката на само му признала дека нејзиниот дедо всушност умрел неколку децении по војната во советски Гулаг и дека намерно "малку претерала" заради ефект.

1 февруари 2016 - 16:29