Новинарката на Си-би-ес, Кетрин Хериџ, објави дека добила копија од харддискот на Хантер Бајден од сервисот во Делавер каде бил заборавен лаптопот, и истиот го дава на вештачење во фирмата на поранешниот експерт за компјутерски криминал на Тајната служба, Марк Лантерман.
Од фирмата на Лантерман потврдуваат дека „содржината е акумулирана со тек на време, како што би се очекувало, и дека нема докази дека документите се менувани од надворешни лица.“
Хериџ изјавува и дека два извора и потврдиле дека Џо Бајден е човекот кој е наречен „големиот“ во мејлот од мај 2017 во кој се зборува за 10% провизија како дел од зделка со кинеска компанија поврзана со властите во Пекинг.
„Двајца поранешни бизнис партнери на Хантер Бајден, вклучувајќи го и Тони Бобулински, кој го добил мејлот, потврди за Си-би-ес њуз дека 10% ’што Х ги чува за големиот’ е кратенка за 10% што Хантер ги чува за татко му,“ објаснува Хериџ.
За овие две години молк од меинстрим медиумите околу лаптопот на синот на американскиот претседател, беше објавено дека пример, Џо Бајден присуствувал на вечера на Вашингтон на која имало претставници на украинската енергетска компанија Бурисма, која на Хантер неколку години му исплаќаше хонорар од 1 милион долари. Документите од лаптопот покажуваат дека на истата вечера Хантер ги поканил поранешниот градоначалник на Москва, Јури Лужков и неговата сопруга, милијардерката, Јелена Батурина.
Во 2014 Батурина наводно платила 3,5 милиони долари за фирма со врски со Хантер Бајден, а таа останува една од само неколкумина руски милијардери кои не се под американски санкции за руската инвазија.
Хантер Бајден е и сопственик на околу 10% во БХР партнерс, кинескиот фонд кој управува со имот од 2,1 милијарда долари. Хантер го ко-основа БХР партнерс во 2013, само неколку недели пред да биде дел од заедничката американска делегација во Кина предводена татко му, тогаш потпретседател на САД, Џо Бајден. Според документите од лаптопот, при оваа посета Хантер го запознава својот татко со ЦЕО-то на БХР, Џонатан Ли, во едно хотелско лоби, а Џо подоцна пишува и препорака за запишување на колеџ за децата на Ли.
Веста за лаптопот на синот на американскиот претседател прв ја објавува Њујорк пост и тоа пред самите претседателски избори во 2020. Заради веста, Пост прво е блокиран на сите социјални мрежи, кои своеволно интервентно оценија дека веста е лажна, за потоа да биде под канонада од меинстрим медиумите, кои стравуваа дека таа ќе го смени исходот на претседателските избори во 2020, дека шири лажни вести.