„Велите дека сум исплашен? Дали изгледа дека се плашам?".
Виктор Јанукович, тогаш претседател на Украина, не ми изгледаше баш уплашен, иако изгледаше многу вознемирен. Преведувачот му ги шепнуваше моите зборови на уво. Ме гледаше право во очи додека го интервјурав во претседателската палата во студениот Киев. Тоа беше пред три години, многу пред Украина да биде зафатена со насилните протести, кога Јанукович уште ги држеше работите под контрола.
Признавам дека малку се уплашив како тргна интервјуто. Секогаш ми било шубе кога ќе вознемирам претседател, особено ако тој изгледа и звучи како лик од филм на Скорсезе. Како што се покажа во случајов, мојот страв беше оправдан, бидејќи Јанукович имаше намера бизарно да ми се одмазди.
Му поставив серија прилично незгодни прашања во врска со корупцијата во земјата. Ја спомнав дури и загриженоста на обичните Украинци кои ми кажуваа дека таа го има зафатено - како што тие се изразија - и врвот на неговата администрација. Но ова не изгледаше дека го секира. Лицето му се наоблачи, а вилиците му се стегнаа кога го прашав зошто Мајдан - главниот плоштад во Киев - е опкружен со огради и е чуван од полицијата.
Мајдан беше моќен симбол на Украина уште пред драмата која на него се одвиваше во последниве неколку месеци. Секако, тој веќе имаше одиграно одлучувачка улога во кариерата на Јанукович. Мајдан, имено, беше сцената на која се одвиваше тн. „Портокалова револуција", кога во 2004 десетици илјади Украинци дојдоа на смрзнатиот плоштад да протестираат против наместените избори, со барање за оставка на претседателот.
Јанукович беше тој претседател - и тој мораше да се повлече. Но потоа спектакуларно се врати, и повторно стана претседател во 2010. Овој пат изборите беа оценети како фер, но голем број Украинци ми рекоа дека под Јанукович земјата ќе стане помалку демократска и помалку слободна. Оградите на плоштадот потсетуваа на ваквата можност.
Еден од најпознатите писатели на Украина, Андреј Курков, ми рече дека тие треба да се срушат. „Мораме да внимаваме на слободите кои веќе сме ги извојувале", ми рече. Други беа поотворени, велејќи дека се тоа огради кои го бранат Јанукович од демократијата.
Тој пак имаше поинакво објаснување - тие беа поставени на плоштадот затоа што тој требало да се поправа. Неколку минути подоцна го прекина интервјуто. Љубезно се ракувавме, но беше јасно дека тој е се уште вознемирен од моето прашање.
Се вратив во Британија и мислев дека со тоа мојот удел во приказната е завршен. Но наскоро добив СМС од тетка ми. „Сакаш кравата за Велигден?", ме прашуваше таа.
Немав појма за што зборува. Додека не ми кажа да го купам новиот број на Сандеј Тајмс, на чија трета страница имаше наслов:
„Модните експерти велат дека новинарот на Би-би-си треба да повнимава на изгледот", илустрирано со моја фотографија.
Под неа пак натпис: „Новинарот на Би-би-си го шокирал претседателот на Украина со начинот на кој бил облечен".
Никаде не беа спомнати моите прашања за Мајдан. Најскандалозното во моето интервју било тоа што сум носел „фармерки со сиво сако преку сина кошула, со бела поткошула која ѕиркала кај вратот". Некој очигледно им го поткажал ова на весниците, некој близок до Јанукович. Модните експерти на Сандеј Тајмс ги советуваа „невоспитаните" презентери „да се облекуваат така за да импресионираат", да носат кошула и кравата кога се среќаваат со високи функционери. Темата ја потфатија и други национални весници, кои ме подбраа мене и уште неколку колеги за лошиот имиџ кој го шириме.
Ќе речете мала работа, и мислев дека сето тоа е смешно, но сепак кажува нешто важно за Јанукович. Тој и неговите играчи имаат ресурси, тие се креативни и одлучни.
Затоа не бев изненаден кога Јанукович се појави на прес конференцијата во Русија во петокот, пицнат во неговото одело и силно стегнатата сина вратоврска, велејќи дека новата влада е нелегитимна и дека тој ќе се бори за иднината на Украина против оние кои користат страв и заплашување.
Јанукович можеби е симнат од власт, но тој се уште не е вон игра.