На академско ниво, таканаречениот CNN ефект никогаш не беше уверливо докажан но неговата премиса останува логична и разбирлива: медиумот треба да пренесе колку некои се лоши а колку некои други страдаат за јавноста да се сензбилизира и да дојде во работна температура да се ангажира реши тој проблем.
Денес сликите од Сирија не се нималку понежни од оние што своевремено циркулираа од екс Југославија, страдање на цивили, деца, рушење болници, гинење во училишта, па сепак, нивниот одзив во јавноста е на „mute“.
Во денешниот политички и медиумски пејсаж се чини невозможно некој да организира глобална акција како онаа на Боб Гелдоф за гладните во Етиопија или пак како она присилување на Кина да одобри испраќање мировници во Судан со закана за бојкот на Олимпијадата во Пекинг.
Таква акција денес лесно би можела да биде поткопана и уништена само од интернет тролови кои би внеле „разбирлив сомнеж“ во неа.
„Денес располагаме со количина информации кои беа незамисливи пред две децении но тоа стана обратно пропроционално со нашата подготвеност на нив да реагираме“, вели експертот на ОН, Ричард Гоуен.
Тој и другите познавачи се согласуваат дека пасивизираноста на денешниот медиунмски конзумент се должи на преголемиот број информации, нивниот краток рок на траење и фрагментираниот медиумски простор. Кога секој има своја верзија и свој наратив за некои настани, кога фактите лесно се прикажуваат како лажни вести и обратно, расте недоверливоста кон она што го дознаваме и се зголемува претпазливоста пред да се реагира. Не еднаш луѓе се изгореле пренесувајќи некоја фотографија за да повикаат на акција, за по само неколку часа да дознаат дека биле манипулирани и реагирале на фотографија од друго место и друга година.
За чудо, еден од оние кои реагираат на „стариот добар начин“ е Трамп, инаку кабловски џанак, кој своевремено призна дека наредил бомбардирање на сириските позиции откако видел слика на настрадано дете.