Последниве неколку години американските федерални регулатори дебело казнија разни произведувачи на автомобили (неселективно беа репнати General Motors, Toyota, Honda и BMW) затоа што не реагирале навреме откако откриле некој безбедносен пропуст во своите возила.
Со ниве лесно, ќе ги казниш, но што станува со граѓаните кои возат такви автомобили? А тие едноставно не се одзвиваат на поканите да дојдат и бесплатно да го заменат делот кој е неисправен и кој може да предизвика несреќа со фатални последици.
Хонда штотуку започна масовна и скапа кампања за да ги убеди сопствениците на нивни возила да ги заменат неисправните воздушни јастучиња со кои се возат. Лани Џенерал Моторс понуди и дополнителни бенефити (бесплатна замена на масло) за да го подобри одзивот меѓу 2,6 милионите луѓе кои возат такви модели.
Милиони луѓе се уште не реагирале ниту на личните покани (кога можат да бидат лоцирани) ниту на рекламните пораки.
Според CarFax, сервис кој се занимава со податоци за сообраќајот, десетици милиони автомобили и камиони, како темпирани бомби секојдневно шпартаат по американските улици и патишта, подготвени во секој момент да им откаже некоја битна функција.
"Се работи за дефекти кои можат да бидат смртоносни, а одзивот е премногу слаб. МОра да се преземе некоја ефикасна акција инаку многу луѓе ќе загинат," вели човек од центар за безбедност во сообраќајот.
Во некои случаи виновни се и дилерите бидејќи не секогаш ги имаат на лагер потребните делови, но без свесност на самите возачи, ваков проблем не може да биде решен. А околу 40 проценти од засегнатите воопшто не се јавуваат во сервис.