Каков е односот меѓу војната против тероризмот и човековите права?
И двете имаат заеднички извор - потекнуваат од Западот. Концептот на човекови права е производ на просветителството и Француската револуција, конкретизиран во основачките документи на Обединетите нации. Глобалната војна против тероризмот пак е објава на војна против поранешните сојузници на САД во нивната борба против комунизмот, сојузници што станаа нивни терористички непријатели кои сега воено ги прогонуваат, без какво било вистинско интересирање за причините зошто луѓето воопшто стануваат терористи.
Единственото нешто со кое што тие се занимаваат е односот меѓу насилството и религијата, но не и со фактот дека социјалните нееднаквости доведуваат до насилство. Исто така, во сите религии постојат аберации, меѓутоа не сите се доживуваат како подеднакво нерационални. На пример, на американската евангелистичка десница отпаѓа значаен дел од поддршката за Доналд Трамп, а неговите ставови за Ерусалим се директна последица на тоа што 12 милиони од тие гласачи веруваат во Армагедон и второто доаѓање на Исус, кој за нив е поврзан со реконструкцијата на еврејскиот храм. Тоа за нив значи дека треба да се даде поддршка на ционизмот, да се преземе контрола врз целиот Ерусалим и ако треба, да се срушат муслиманските храмови. Такви работи редовно можат да се прочитаат во американскиот печат, а Трамп со прогласувањето на Ерусалим за престолнина на Израел оди по волјата на своите гласачи.
Со кои прашања би требало да се занимаваме во анализата за причините на тероризмот?
Она што треба да нè интересира е зошто во 21-от век многу млади муслимани посегнуваат по таа крвава, фундаменталистичка верзија на Исламот и масовно ги убиваат своите браќа муслимани. Со сведување на решението на овој феномен на воздушни напади се изоставуваат сите оние проблеми кои доведоа до арапските револуции и последичните контрареволуции, на пример со фокусирањето на градовите се заборава дека во арапскиот свет живеат десетици милиони бедуини кои станаа платеници. Американците од ова направија цел принцип кога ја преземаа контролата над Ирак, милитаризираа цели племиња кои подоцна се одметнаа и се селеа од една локација на друга. Тоа се работи кои треба да се земат предвид, наместо сведувањето на сите главни проблем во регионот во воени рамки и перпетуирање на судирот меѓу лошите и добрите момци.
Дали глобалната војна против тероризмот денес е најголем непријател на човековите права?
Да. Војната против тероризмот од нас бара да ги демонизираме терористите како некои со кои можеме да се пресметаме исклучиво со крв, на ист начин на кој тие функционираат. Меѓутоа тој проблем не може воено да се реши. Кога на пример читаме за ослободување на градовите кои биле под контрола на ИСИС, многу добро знаеме дека сојузничката војска на борците на ИСИС им остава рути за слободен излез од градовите, бидејќи знаат дека тие немаат доволно капацитет за повторно да ги заземат овие градови. Меѓутоа тие борци ќе се прегрупираат, а ако им тргне од рака ќе окупираат други урбани центри, ќе се трансформираат во нова терористичка интернационала, заедно со веќе постоечката ал Каеда, која се уште функционира во Сирија.
Треба ли на ист начин да се анализира феноменот на „осамени волци“ во западните држави?
Осамени волци е термин што самиот ИСИС го користи за своите поединци кои делуваат индивидуално. Меѓутоа ИСИС не би требало да се сведува на нивните европски ограноци, имајќи предвид дека тие сочинуваат едвај 10% од вкупното членство. Колку апсурдни можат да бидат последиците од таквото гледање на проблемот покажува и фактот дека кинеската војска реши да интервенира во Сирија само затоа што припадници на кинеското муслиманско малцинство се припадници на ИСИС. Верувам дека во европските градови ќе гледаме уште повеќе тероризам како што ИСИС ја губи поддршката во локалните бази. Тајните служби, посебно американските, имаат тенденција да ги ликвидираат воените водачи, меѓутоа не сум сигурен дека со такви ликвидации и преземање на градови тие успеваат да ги уништат терористичките организации, бидејќи дури и целокупниот Даеш да се елиминира, социјалните фрустрации, секташките неправди, невработеноста и милитаризацијата на цели сектори од популацијата кои доведоа до тој феномен ќе продолжат да создаваат тероризам.
Дали војната против тероризмот ги направи условите за живот полоши отколку што беа?
Сосема сигурно, бидејќи главно се заборава колкава штета им се прави на сите тие популации врз кои се вршат воздушни напади. Цели генерации гледаа како нивните семејства гинат во бомбардирањата и залудно е да се верува дека може да се убиваат луѓе без тие никогаш да не возвратат.
Од една страна, константни се обидите да се сфати муслиманската популација во Европа, нивните мотиви и причини за прибегнување кон тероризмот, додека на муслиманската популација од арапскиот свет не и се пристапува таков начин. Исламската држава е амбициозен обид да се изгради нов општествен, економски, политички, културен и верски режим. Тоа сега е демонтирано, но тоа не значи дека тероризмот ќе исчезне.
Во своето предавање војната против тероризмот ја нарековте највисок облик на колонијализам?
Колонијализмот секогаш е чин на насилство против локалното население. Не зборувам за тоа што се правело во Втората светка војна, иако од тој период потекнува идејата дека непријателот треба да се ослаби со масовно убивање цивили, како што е случајот со бомбардирање на Дрезден и Лондон. Тоа е идејата дека, ако непријателот не може да се победи на терен, цивилното население треба да се заплаши до таа мерка што непријателот ќе прифати примирје или пораз. Бидејќи денес тоа го прави коалицијата на западните сили, сметам дека е прикладно да се употреби токму тој термин. Освен тоа, војната против тероризмот подразбира и преземање на ресурси, доделување на бизниси во поствоената обнова на странски компании, потоа создавање на големи пазари на оружје, на пример оние на кои тргуваат Саудиска Арабија и САД или Русија и Иран.
Со тоа дополнително се слабеат социјалните сервиси популацијата во државите кои купуваат оружје. Ирак е потполно исцрпен, редуциран е на безначајна држава, Башар ал-Асад токму деновиве организира обнова на земјата по неолиберален модел. Се носат закони според кои целото разорено подрачје станува државна сопственост, која потоа ќе им се препушти на приватните компании по основа на политичка лојалност. И либанската економија моментално е во процес на рециклирање за да му служи на овој процес.
Наведовте примери со Либан, Сирија и Саудиска Арабија како земји во кои се спроведуваат неолиберални реформи. Дали таа идеологија го освојува целиот регион?
Тоа всушност одамна се случи. Почна во Египет како средиште на националното движење за ослободување, земја во која најголемиот дел од јавниот сектор беше размонтиран. Истото се случи и во Алжир, Либан веќе беше либерална економија која стана неолиберална, со катастрофални резултати, а сега тоа внимателно се прави во Сирија. Значи, регионот веќе од доцните 1970-ти години минува низ прилично опсежни економски реформи, за кои дури и ММФ признава дека ги продлабочуваат социјалните разлики и тука ја гледа шансата за давање отпор и за поставување прашања за социјалната правда. Глобалната војна против тероризмот не само што ги забави и ги уништи сите шанси за развој, туку и наметна приоритети кои немаат никаква врска со проблемите на арапските народи.
Американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ја пресели американската амбасада во Ерусалим. Со овој потег Ерусалим го призна како главен град на Израел, иако и Палестинците го посакуваат како главен град на својата идна држава?
Пред се, тоа не е одлука на Трамп туку на американскиот Конгрес. Таа е донесена во 1996-та и американскиот претседател сега ја извршува, додека неговите претходници ја избегнуваа. Овој потег доаѓа откако новата администрација си обезбеди силно сојузништво и влијание над двајца млади арапски лидери - Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија - при што овој првиот, калиф Бин Зајед ал-Нахџан, наводно бил еден од спонзорите на кампањата на Трамп. Со тоа идејата за формирање на израелско-саудиска коалиција против Иран стана озбилна и значајно е што Саудијците ништо не рекоа против потегот на Трамп околу Ерусалим. Тоа од една страна е голем поклон за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а до друга страна показател за создавање на нова алијанса против иранското присуство во Сирија.
Што се однесува до решавањето на палестинското прашање, сега прилично добро се надзираат контурите од планот на Трамп, според кој нивните подрачја ќе бидат составени од три бантустани на Западниот брег, кои ќе вклучуваат само 50% од територијата. Гледаме и дека проблемот со бегалците никаде не се споменува, прашањето на Ерусалим ќе се реши на крај, а нема промени ни по прашањето на израелската политика за доселување на палестинските територии. За ова да го реализира Трамп ги користи Саудијците за тие да вршат притисок врз претседателот на палестинската самоуправа, Махмуд Абас, вклучувајќи и приватно нудење пари и закани дека ќе го заменат со алтернативниот лидер на Фатах, многу влијателниот разузнавач Мухамед Дахлан кој моментално се наоѓа во Емиратите.
И одговара ли на израелската влада планот на Трамп?
Интересно е дека околу палестинското прашање секогаш се споменуваат различни западни и арапски иницијативи, но никогаш нема никакво израелско решение. Тоа е затоа што Израел нема решение, ниту пак го посакува, бидејќи и покрај тоа што мировниот договор од Осло конфликтот го трансформираше во израелско-палестински, тој и понатаму во суштина е израелско-арапски и израелско-ирански, конфликт кој се врти околу прашањето кои се воопшто опциите на Израел меѓу 300 милиони Арапи и уште 38 милиони Иранци. Во тој контекст 4 милиони Палестинци се помал проблем. Решението со две држави се сведува на самоубиство на Израел бидејќи целиот тој ционизам се базира на апсолутно еврејско мнозинство. Нетанјаху сега предлага „еврејска држава“ што имплицира дека во нејзе воопшто не би имало место за не-Евреи. Значи преземање на цела Палестина, а Палестинците ќе добијат право да бидат граѓани од втор ред. Израел, а посебно десницата која ја предводи Ликуд на Нетанјаху, не сака решение и таа до сега го саботираше секој предлог, повремено преправајќи се дека другата страна не е сериозна. Така и сега имаме американско-саудиско решение, но никој не слушнал експлицитно тврдење дека Израел навистина го прифаќа. Но фактот дека зад Нетанјаху и Трамп стојат арапски држави, му дава посебна тежина.