Откако по сопствена желба се пензионира во 1995, Вотерсон (кој сега има 55 години) се повлече во северо-источно Охајо, од каде сепак будно ги следи правата на неговата креација, одбивајќи да ги продаде, или на кој и да е друг начин да ги отстапи или банализира. Неговиот контакт со надворешниот свет бил толку ограничен во овие речиси дваесет години, што уредниците на списанието морале неколку пати да проверуваат дали разговараат со вистинскиот човек.
Во интервјуто (вкупно второ од 1995) главно се расчистуваат неколку дилеми - дали некогаш ќе се сними филм според Калвин и Хобс, дали Вотерсон навистина запалил купче кукли кое му го испратил некој ентузијастичен производител на играчки, и како гледа на местото на стрипот во дигиталниот свет. Еве неколку извадоци:
Пред неколку години не ја отфрливте целосно идејата за анимирање на стрипот. Дали сте фан на Пиксар и дали нивната компетенција може да ве натера на ваков чекор?
Визуелната софистицираност на Пиксар ме воодушевува, но имам нула интерес да го анимирам стрипот. Ако некогаш сте споредиле филм со роман на кој е базиран, знаете дека романот секогаш е разводнет. Едноставно тоа е неизбежно, затоа што различните медиуми имаат различна моќ и потреби, а кога правиш филм тогаш тој доминира. Како стрип, Калвин и Хобс функционира точно на начинот на кој сакав тоа да го прави. За мене нема причина зошто би го адаптирал.
Дали е точно дека некој производител на играчки ви испратил кутија Хобс кукли за кои не сте дале одобрение, и кои наводно сте ги запалиле веднаш? Дали ова навистина се случило?
Не баш. Она што се запали беше само мојата глава.
Каде се вклопува стрипот во денешната култура?
Лично, повеќе ги сакам хартијата и мастилото отколку светкавите пиксели, но се си има свое. Очигледно улогата на стриповите се менува многу бргу. Од една страна, стрипот никогаш не бил поприфатен или земан посериозно отколку денес. Од друга страна, масовните медиуми се дизентегрирачки, а публиката се атомизира. Мислам дека стриповите во иднина ќе имаат се потесно културно влијание и ќе прават се помалку пари. доволно сум возрасен (55) да бидам вознемирен од сето ова, но од друга страна светот продолжува да постои. Сите нови медиуми нужно ќе го променат изгледот, функцијата па дури и целта на стрипот, но стриповите се живи и разновидни, па мислам дека ќе продолжат да бидат релевантни на еден или на друг начин. Но тие дефинитивно нема да бидат истите оние со кои пораснав.
Целото интервју ќе биде објавено во декември, а тука советите на Вотерсон за исполнет и среќен живот.
Бонус, една негова позната изрека: „Господ ме има ставено на Земјава за да завршам неколку работи. Толку доцнам со остварувањата, што никогаш нема да умрам".