Делата на хрватската писателка, блогерка и колумнистка, Слободанка Боба Џудерија (1963), книжевната критика ги сместува во таканаречената реалистична проза. И тоа не случајно.
И Боба, но и нејзината лична нараторка – Марчелина, пишуваат како да зборуваат. Читате, а всушност ги гледате во живо пред вас, како јасна слика и прилика.
Марчелина ги поседува авторските права на приказните објавувани на истоимениот блог, а пишувани на сплитско наречје. Покрај ова, таа знае и добро да се забавува мајтапејќи се со меѓучовечките односи, со политичарите, пркосејќи им на предрасудите и на клишеата, иронизирајќи го до кикотење сопствениот живот и стварноста што ја опкружува.
Онаа другата пак, сега веќе и фејсбук ѕвезда, што се потпишува со роденото име и презиме - Слободанка Боба Џудерија, неодамна ја промовира својата трета книга „Марчелина, нисам вам све рекла“, дело кое е своевидно продолжение на „Марчелина-компилација еротско-домољубних компилација“. Авторка е и на збирката „Зовем у вези посла“, каде во приказните ги испреплетува минатото и сегашноста, сеќавањата и надежите, левите и десните, подобните и неподобните, оптимизмот и горчината... нудејќи притоа сопствен рецепт за преживување – опстанок со помош на бои и ведрина!
И Боба и Марчелина се самохрани мајки, разведени жени, ќерки и сестри, невработени интелектуалки, жртви фатени во должничко-доверителски замки... Арно ама и едната и другата, подеднакво ја враќаат вербата во доброто и убавото во луѓето, солзите ги прават подносливи, а смртта ја претвораат во парадокс. Во приказната „Како смртта ми го спаси животот“, Боба или Марчелина, веќе е сосема сеедно, ќе напишат: „Ништо во животот не ме спаси како како мојата сопствена смрт, бидејќи и без неа животот би ме скршил...Накратко, што да ви кажам: Да не ми е смртта, можеби веќе одамна не би била жива“.
Во Вашето пишување има мноштво автобиографски елементи.... Колку и кога искреноста во литературата е пожелна?
Кога се зборува за искреност во литературата, претпоставувам дека се мисли на способноста на авторот да го пренесе сопственото, автентично доживување, без оглед дали пишува автобиографски приказни, роман или фикција. Во оваа смисла искреноста и тоа како е важна.
Кога сте навистина Вие, кога пишувате под псевдонимот Марчелина, или кога се потпишувате со полно име и презиме?
Двете сме тука, секогаш. Тоа се две екстремно различни карактери и личности. Едната, онаа „првата јас“ е сериозна и загрижена над сопствената, и судбината на светот, пристојна и интровертна. Онаа другата Марчелина, неподносливо е екстровертна, брбливa и трепетливa. Мислам дека морав да ја измислам Марчелина, за да ѝ се олесни постоењето на онаа првата. И така, тие две се во константен конфликт.
Еве ме, пишувам за себе во трето лице, мислам дека сум зрела за политика.
Постои ли граница каде завршува „обичното пишување“ и почнува книжевноста?
Ова е прашање за теоретичарите по книжевност и не се чувствувам компетентна за да Ви го дадам одговорот. Искрено не знам каде е таа граница. Кога почнав поактивно да пишувам, не се впуштив во тоа „мозгајќи“ за тоа како се вика тоа што го работам, и ќе биде ли „нештото“ книжевност или не. Да го правев тоа, веројатно немаше никогаш ништо да напишам.
Пишувате со многу поетика во изразот, автор сте и на многу песни. Кога емоцијата се претвора во песна, а кога во проза?
Поезијата е згусната емоција која се испишува во еден здив. Мислам, така оди тоа кај мене. Поезијата, за да биде добра, мора да биде совршена. Во сликата, во метафората и во ритамот. Тоа е величествена умешност. Многу луѓе пишуваат поезија, но вистински, реални поети, има малку. Јас секако не припаѓам меѓу нив и никогаш не сум се сметала за поетеса. Она што одлучува дали моите емоции ќе се прелијат во поезија или во проза е инспирацијата. Уверена сум дека со прозата некако и може да се калкулира, но со поезијата не. Таа инспирација бара моментално запишување, речиси како состојба на транс.
Во текстовите го имате оној сладок, непосреден, нежен, женски хумор. Дали често се смеете? Имате ли на што да се смеете?
Мене смеењето ми е фетиш. Се смеам често и многу. Во суштина можам да кажам дека сум во постојана потрага по смеење. Еднакво задоволство чувствувам кога јас ќе насмеам други, и кога други ќе ме насмеат мене. Тешко можам да се одлучам што од овие две ми прави поголемо задоволство. Смеењето е знак дека во некого постои искра на живот, смеењето е пркос, ракавица во лицето на суровите богови. Често се смеам до солзи. Кога смеењето ќе го доведе човека до солзи, тоа е живот во мало - со тие „солзи смеалички“ ја исмејуваме сета болка, тага и порази.
Се разбира дека наоѓам на што да се смеам. Од многу мачни моменти од животот си направив комедија. Жак Брел во една своја песна вели: Сосема е возможно да се умре од смеење. Доказ за тоа е фактот дека има луѓе кои се плашат од смеење.
Да заклучам, јас едноставно не им верувам на луѓе кои не знаат да се смеат!
Барате ли сèуште работа? Што сèработевте во животот? Може ли денес да се живее од пишување?
Да, сè уште барам, ама прилично без волја. Знаете, положбата на работникот денес во Хрватска е таков што понекогаш имам чувство дека потрагата по работа е како да барате конечно поништување на сопственото битие. На почетокот на оваа година имав неверојатно работно искуство - работодавач кој беше коректен, кој го испочитува договореното и кој беше секогаш достапен за решавање на евентуалните недоразбирања. Но инаку, да се работи за некого, е оф леле мори мајко. Со вакви како мене особено. Ние не би смееле да работиме ни самите за себе, а не пак за други. Од друга страна, ретки се уметничките души кои се способни да се трансформираат во претприемачи. Јас да се обидам, веројатно размерите на финансиската катастрофа би ме следеле и во идните инкарнации, би им била должна и на државата и на Господ. Ете колку сум талентирана за плеткање со пари и за егзистенцијалните аспекти на моето кукавно постоење.
Инаку, во животот сум работела толку многу различни работи, три книги би се пополниле. Најсреќна сепак бев кога работев како туристички водич, што е веројатно поврзано со мојата неуморна вљубеност и љубопитност спрема човечкиот род. Може ли денес да се живее од пишување? Тоа не можат ни многу подобрите и посериозните писатели од мене.
Што значи поимот „добра сопруга“ на балканските простори? Дали Вие тоа бевте?
Добро ме изнасмеавте со ова прашање. Можеби ќе ви одговарам за неколку месеци, кога ќе престанам да се смеам.
Зошто не верувате во брак и во моногамност?
Не дека сега јас сум решила дека нема да верувам во тоа. Туку само ги набљудувам сите тие љубовни и брачни приказни околу себе. Статистички гледано, човекот не е моногамно суштество. Кога ја споменувам статистиката, мислам на она што вообичаено се вика „неверство“. Погледнете го само бројот на разводи по глава на жител. Моногамијата не му е во природата на човекот. Друга работа е што културата во која растеме нè учи поинаку. Кога вака зборувам, излегува како да сум циник, а не сум. Поприлично сум романтично суштество и верувам во љубовта. Верувам дури и во брак под услов да го согледаме реално. Мислам дека, да кажеме, по 20, 30, 40, години брачен живот, кога ќе помине страста - а мора да помине, тоа е биолошки закон- најмногу што човек може да очекува е да остане пријател со брачниот другар. Ако луѓево ја доживеат заедно староста, а не почнале да се мразат, ако после толку време сè уште имаат за што да зборуваат и се способни заедно да се смеат, тогаш е тоа идеал каков што јас го замислувам кога зборуваме за институцијата брак.
Не ви е далечна еротиката како инспирација... На кој начин „уметничката еротика“ го инспирира писателот?
Кога јас се занимавам со еротика во пишувањето, тоа е главно за да ја карикирам и да ја демистифицирам. Не би филозофирала понатаму, но мене еротиката како и сите останати смртно сериозни работи, ме инспирираат само на зафрканција.Тоа е веројатно некое пореметување, не знам.
Што не може: секс без љубов, или љубов без секс?
Охо, која исклучивост! Веќе ви кажав дека сум романтично суштество, што значи дека не можам да замислам секс без љубов, ама богами ни љубов без секс. Секс без љубов хм, да, но само за да се увериме дека е многу подобро кога има љубов. Или накратко љубовта е секс, а сексот е љубов. Без љубов, сексот е само една банална, досадна, леплива работа.
Кои особини треба да ги поседува една добра мајка?
Уф, ова е тема која страшно ме преокупира, и за која на некој начин мислам да пишувам во четвртата книга. Со тоа што јас би ја преформулирала во „Кои особини треба да ги поседува добар родител“, а не само мајката.
Родителството е најужасната и најубавата работа на светот. Тоа е како постојано да одите по работ и никогаш да не знаете дали вашиот следен чекор ќе ве однесе во бездна. Кога се зборува за родителството, секогаш се нагласува како треба да се сакаат своите деца. А јас мислам дека најважно е да се почитуваат. Да се почитуваат не како деца, туку како човечки суштества кои имаат право на свое достоинство и свој интегритет. Љубовта често ни служи како оправдување за ударите, и притоа не мислам само на физичките удари. Логично е тоа, растеме на просторите на кои сè уште се верува дека не е љубов ако не боли....не само кога е онаа родителската во прашање.
Дали и колку семејството го предодредува човекот?
Длабоко верувам дека никој не се раѓа зол. Притоа треба да се потсети дека како „лошо“, често се доживува дете кое има изразена индивидуалност и кое не прифаќа да се моделира како глина, кое одбива соработка во обид од него да се направи мало, послушно војниче. Затоа да, семејството многу и во добар дел го предодредува човекот.
Како е во реалниот живот да се биде „четникуша“ во Сплит?
Па, беше фрустрирачки и болеше. Живеете во некој град и во некоја земја целиот свој живот, како обичен граѓанин, а тогаш преку ноќ станувате државен непријател, непожелна личност „четникуша“ заради потеклото на својот татко. Секогаш се чудев кој ѓавол сега се случува дали е можно, но да, сепак е можно, и така, сè во тој стил...
Прилично сте врзани со Сплит, со Далмација... Како се живееше во Сплит некогаш, како се живее сега?
Сплит е мојата страст, можам да речам. Понатаму од тоа не би знаела да објаснам - сите големи љубови се мистерија!
Промените кои му се случија, не се некоја сплитска ексклузива. Тоа се промени кои се заеднички за целата земја, но и за регионот. Економски поголемиот дел од луѓето живеат полошо, потегобно. Надвор од тие егзистенцијални мачнини, многу луѓе во Сплит жалат по градот каков што некогаш беше, но мене ми е исто како и во љубовта - ако некого сакаш, го сакаш и кога ќе се разболи и ќе остари.
Дали Хрватска стана поубаво место откако е членка на ЕУ?
Никогаш немав илузии со пристапувањето во ЕУ. Но, бев за влегување од единствена причина – се надевав дека ЕУ ќе може, и ќе сака, да го спречи буењето на национализмот во крвавиот Балкан. Тоа ми беше единствена надеж. Е па, „пиши пропало“.
Доста време, како што самата велите, поминувате на Фејсбук. Што преставуваат за вас социјалните мрежи, имаат ли мани, имаат ли предности?
Јас на Фејс го најдов она што го барав, а тоа е смеата, многу смеа. Знам на глас да се смеам читајќи нечија објава или коментар. Од друга страна, има периоди кога ми е буквално лошо од целата таа бучава и врескање, од непродуктивни дискусии, натпревари, инфантилност, суета и слично. Предностите на социјалните мрежи се во запознавањето на луѓе, со кои инаку никогаш не би се сретнале. Маните им се истото тоа.
Дали некоја Ваша книга е преведена на македонски јазик? Дали некогаш сте биле во Македонија?
Книгите не, но преведени ми се некои раскази и цртички. Ми беше многу убаво и возбудливо да ги читам моите зборови преведени на македонски. Во Македонија сум била два пати по книжевна работа, и се надевам дека повторно ќе дојдам. Го сакам вашиот јазик, храна, музика и гостољубивост.
Што правите кога имате време само за себе?
Па да кажеме дека слушам музика и сонувам. Ги сакам тие моменти кога можам да постојам, без нешто да морам, без некаде да морам. Ја сакам тишината, откако ќе се уморам од сопственото дрдорење и комуницирање. Друго нешто што често го работам е одењето. Некогаш поминувам километри и километри низ градот, нагоре – надолу. Обожувам да одам. И често имам потреба да не застанувам, туку едноставно да отидам некаде засекогаш....
****
Види и: