"Јас не јадам риба. И пред да објаснам зошто, дозволете однапред да кажам дека не ми е целта да ги посрамам тие што јадат. Не сум активист ниту алармист. Јас сум биолог за риби - конкретно физиолог кој го изучува влијанието на стресот од околината врз енергичноста и однесувањето на рибите," објаснува Мекдонел.
Жената работи насекаде од Северна Америка до Карибите и Африка, а најголем дел од времето го минува во лабораторија во Монтреал мерејќи ги пливачките резултати и метаболизмот на африкански видови риби. Дополнувајќи го своето резиме таа порачува "во изминатите 9 години јас видов, прочитав и чув што се случува со рибата пред таа да заврши на нашата софра... и сега секој пат кога некој мој близок ќе нарача риба, јас се нервирам, не само за рибата, туку и за моите блиски."
Таа наведува неколку студии кои покажаа дека филетите што се служат во рестораните често пати не одговараат на она што е наведено во менито:
- Анализа на 200 студии покажала дека од 25.700 примероци морска храна од 55 држави, една петина (над 5 илјади), биле погрешно обележани - на пример риба која е одгледувана во рибник, се продавала како фатена на отворено море.
- Канадска студија од 2011 покажала дека примероците од над 200 видови морска храна собрани од најразлични продавници и ресторани во градови како Торонто, Монтреал и Ванкувер во 41% од случаите биле погрешно идентификувани. Во одредени случаи, кавијар од Романија и Бугарија, над 10% од примероците не содржеле никаква животинска ДНК-а.
- Рестораните успеваат да протнат филети риба како најскапи можни видови, благодарејќи на тоа што парчињата се препржени до непрепознатливост и вашата неможност да разликувате за што се работи.
"Јас многу попрво би ставила крај на погрешното етикетирање отколку да бојкотирам риба. Проблемот е што е тешко да се посочат виновниците. Студиите кои ги читам обично избегнуваат да идентификуваат кој стои зад погрешното етикетирање," пишува Мекдонел.
Вториот проблем што таа го има со рибата не се решава ниту ако лично познаваш рибар што те снабдува, ниту готвачот во ресторанот каде што одиш:
"Без разлика колку си внимателен, ако релативно често јадеш риба, големи се шансите дека си внел и пластика. Најголемиот дел од она што го фрламе завршува во водните системи низ светот: неодамнешни студии проценуваат дека над 5.000 милијарди парчиња пластика - кои тежат 244 милиони килограми - моментално пловат по светските океани, и очекуваат тој број да порасне. И покрај ова невозможно е точно да се измери колку многу пластика има во нашите океани, па дури и да се лоцира."
Не станува збор само за гајби или шишиња од води и сокови, туку за агрегирање на микропластика, мали честички што се откачуваат од пластичниот отпад, која плови низ океанот. Нивната големина не надминува 5 милиметри, невозможно е да се видат со голо око, и издржуваат секакви временски услови.
"Не се сеќавам кога било последен пат кога сум работела на терен а да не видам некаков пластичен отпад како плови на површината или е закачен меѓу коралите или карпите...
... Без разлика колку ги сакам рибите, не можам да се преправам дека тие се мудри животни со рафиниран вкус. Истражувачите открија дека соочени со изборот меѓу природна храна и микропластика, рибите повеќе ја избираат пластиката. За најголемиот број водни животни, наоѓањето храна додека се избегнуваат грабливците е борба, па пребирливоста не е еволуциски корисна карактеристика; најголемиот број видови брзо го грабнуваат посакуваниот оброк и се враќаат назад кон местото за криење. Како резултат на ова тие често проголтуваат парчиња пластика, дали затоа што заради бојата ги помешале со плен, или затоа што изеле плен кој има консумирано пластика," пишува Мекдонел.
Таа наведува една неодамнешна студија според која просечниот Европеец консумира околу 11.000 микропластики годишно со тоа што во својата исхрана вклучил школки и остриги.