Според научниците од Орегон стејт Универзитетот, токму шестиот вкус е објаснување зошто луѓето преферираат комплексни јаглен-хидрати.
"Шеќерот има одличен вкус на краток рок, ама ако ти понудат чоколадо и леб, ти може ќе скршиш малку од чоколадото, меѓутоа ќе изедеш леб во далеку поголеми количини, или да ти биде дел од дневната исхрана," објаснува истражувачката Џујун Лим.
Учесниците во студијата, кои пробувале храна со различни нивоа на јаглен-хидрати, вкусот го нарекле "скробест". Азијатите било поверојатно вкусот да го опишат "како ориз," а белците дека бил "како леб" или "како паста".
Клучно во студијата, било да се утврди дека луѓето можат да го детектираат вкусот на јаглен-хидратите, бидејќи досегашниот консензус е дека не можат. Според досегашната наука, затоа што јаглен-хидратите толку брзо се распаѓаат, луѓето можат да ги почувствуваат само молекулите на шеќер од кои тие се составени, па затоа се тврдеше дека кога јадеме јаглен-хидрати, ние вкусуваме само шеќер.
За да се избегне ова, на испитаниците им е дадена состојка која во јазикот конкретно ги блокира сите рецептори за благо, а потоа и состојка која го блокира ензимот што ги разградува јаглен-хидратите.
По сето ова, вкусот што го пријавиле испитаниците бил - скробест.
"Секоја култура има свој голем извор на комплексни јаглен-хидрати. Идејата дека не можеме да го вкусиме тоа што го јадеме нема логика," објаснува Лим.
Следно што треба да направи тимот е да ги идентификува рецепторите во јазикот што се одговорни за откривање на овој вкус, за тој да може и официјално да биде воведен како шести вкус.
Во 2015, еден друг тим на научници го имаше истиот став за мастите, а се работи и на одделување на калциумот, крвта и амино киселините како сосема посебен вкус.
Стандардните четири беа солено, благо, горко и кисело. Благодарејќи на еден јапонски хемичар некаде кон средината на 80-те во науката влегува зборот умами, вкус кој не е изразит како претходните четири, туку се карактеризира со оставање долготраен умерен вкус во устата. Пример за умами храна се печурки, домати, риба, зелен чај и слично.