Едниот табор, филмските студија, тераат по старо и за неуспехот пак обвинуваат трети страни, па ако некогаш за тоа беа криви пиратите, сега виновни се критичарите и оценките од сајтови како Ротен томатос. Другиот табор, филмските новинари, исто така тераат по старо и обвинуваат дека на публиката и е досадено од продолженија.
Дерек Томсон од Атлантик објаснува дека е двете страни не се во право. Според него, проблемот е што американскиот филмски пазар цела деценија бележи пад. Денешната ситуација е последица на тоа што студијата обидувајќи се да привлечат милиони луѓе во кино-салите трошат многу повеќе пари на многу помалку филмови.
"Ова доведе до, очекувано, пикови - големи хитови, големи неуспеси и многу малку меѓу двете. Како резултат, цели квартали зависат од успехот на еден или два филма. Наместо хистерично да се реагира на секој лош месец или викенд, покорисно е да се гледа поголемата слика," пишува Томсон.
Водејќи се по покер термини, Томсон објаснува дека ако студиото има контрола (права) врз добри франшизи (Авенџерс, Ѕвездени војни, Икс-мен...) тогаш тоа ја почнува играта со силна поделена рака. Ако ги има правата за обновување на застарен но претходно познат наслов (Вондер воман, Чувари на плажата, Кралот Артур) тогаш тоа ја почнува играта со ас и со слаба карта - голем ризик и голема премија. Ама ако немаш ништо од претходното и почнуваш од нула, тогаш тоа е како имаш 7 и 2 (математички најлошата можна почетна комбинација): "и без извонредна стратегија и неверојатна среќа, најверојатниот исход е неуспех".
"Во крајната анализа, критичарите не победуваат. Лошите филмови исто така не победуваат. Наместо тоа, силната интелектуална сопственост и талентираното раскажување на масовните медиуми победуваат. И веројатно така треба и да биде," порачува Томсон.