Најчести клиенти на протерувачите се сопруги кои гледаат да си го зачуваат бракот преку бранење од и бркање на "ксиао сан" или "малата трета" - "термин кој опфаќа сè од партнерка во случаен однос до партнерка во долгорочна паралелна врска".
Методите со кои располагаат протерувачите се движат од потплаќање на третата, до ширење муабети за нејзиниот партнер (дека е пред банкрот, дека троши туѓи пари и сл.) и испраќање писма до семејството и пријателите на третата. Ако протерувачот или нејзиниот клиент се добро финансирани и со силни врски, може да се случи малата трета одеднаш да биде преместена на работа во друг град. Во одредени случаи, мажите што го работат ова започнуваат со заведување на третата.
Во еден случај што го пренесува Њујоркер, Ју, протерувачот, се запознава со Ванг, малата трета. Тој оди кај нејзе на работа во продавница и почнуваат муабет. По неколку ден пак се враќа и пак прават општи муабети. По неколку такви средби и зближување, двајцата почнуваат да одат на кафиња и ручеци. Неколку недели со таква пракса и Ју и предлага на Ванг да ја носи на викенд во Шангај. Таа прво се буни за подоцна да прифати, ама под услов да донесе и другарка. На патувањето во Шангај, платено од пари на клиентот, тие ги минуваат вообичаените туристички тури, а по пат Ју прави неколку фотографии прегрнат со Ванг. Кога завршува викендот, овие фотографии некако завршуваат во џебот на дечкото на Ванг (сопругот на клиентката).
"Една слика кажува илјада зборови, а во умот на љубоморен маж може да каже десет илјади," објаснува Ју во разговор со Њујоркер.
Мисијата на Ју трае четири месеци, ама на крај сопругот раскинува со швалерката и се враќа кај својата сопруга.
На прашањето, зошто жената што му била клиент не се решила на развод, Ју објаснува дека за жена развод ретко кога е разумен избор:
"Во денешниот свет, жена од втора рака е како кола од втора рака. Откако е возена, таа не вреди ни дел од оригиналната продажна цена."
За другата страна, ставот на Ју е дека маж од втора рака е како кинескиот пазар на недвижности "вредноста само му расте".
"Во разводите жените страдаат неспоредливо повеќе. Позицијата на Ју околу слабите шанси на жената повторно да се омажи се општо прифатени, меѓутоа има и поконкретни проблеми, кои потекнуваат од економската нееднаквост во рамките на самиот брак," пишува Џијанг Фан во текстот за Њујоркер.
Ју е еден од 300-те вработени на Веикуинг групацијата која се претставува како "првата професионална болница за транснационална љубов" во Кина. Веикуинг е основана пред 16 години по олеснувањето на правилата за разведување "и нуди цела лепеза услуги наменети за спасување на бракот по секоја цена". Компанијата има 24-часовна телефонска линија за пријавување на нови муштерии. Секој нов клиент минува 1-часовна консултација каде му се објаснуваат услугите и ценовникот на компанијата. Основниот курс чини околу 15.000 долари. Цената се зголемува и до 3 пати ако во приказната има вклучено љубовница, а може да оди и до 5 пати повеќе, што често пати е случај, ако љубовницата има дете од неверниот сопруг.
Техниките што се учат на курсот е како повторно да се освои партнерот, и целата работа најчесто се врши во тајност, за тој да не помисли дека станува збор за некоја завера.
Статистичкиот дел од генезата на бизнисот на Веикуинг покажува дека во последната деценија стапката на развод во Кина се зголемила за два пати, а најчеста причина за тоа е прељуба на која отпаѓаат една третина од разводите. Притоа мажите е 13 пати поверојатно да направат прељуба отколку жените.