Заради опасноста да бидат хакирани или прислушувани (најчесто од конкуренцијата, не од владата) мултинационалните компании во Кина се однесуваат комплетно параноично.
Првите луѓе на претставништвата на меѓународните компании во Кина, воопшто не смеат да разговараат за осетливи теми преку линиите на кинеските телекоми. Некои од компаниите не им веруваат ниту на телекомите во Хонг Конг, па за важните телефонски разговори своите директори ги испраќаат во Јужна Кореја или ги враќаат дома за разговори во четири очи.
Најголемиот дел од меѓународните компании има забрануваат на своите луѓе на пат во Кина да носат смартфони или лаптоп компјутери, а дел од владините претставници на САД немаат право да се закачат на владината мрежа (.gov) додека се во Кина.
Поранешниот функционер во администрацијата на Клинтон задолжен за Кина, Кен Либертал, во интервју за Њујорк Тајмс го раскажува протоколот пред секое патување во Кина. Тој со себе не носел никаква лична електроника, користел мобилен и лаптоп на заем, а по враќањето комплетно ги чистел сите податоци од лаптопот. Додека бил на состаноци, телефонот му бил секогаш исклучен (не стишен) и со извадена батерија, за да не можат да го вклучат. За да избегне секаков вид на "key logger" софтвер, тој сите лозинки ги носел на усб-меморија и потоа ги копирал кога му требале.
Врз основа на достапните податоци за сајбер нападите од Кина, Русија и останатите држави, поранешен ФБИ агент пресметал дека од мрежите на американските компании во 2011-та биле украдени информации во вредност од 500 милијарди долари. Меѓу компаниите кои биле погодени се и Гугл, Џонсон и Џонсон, ДуПонт и Генерал Електрик.
Во октомври 2011-та во извештај за Конгресот, 14 американски агенции за разузнавање ја идентификуваа Кина како број 1 закана за американските компании преку сајбер напади и крадење на трговски тајни.