Порното беше рано на веб. далеку пред на тоа да се наканат и Хулу и Нетфликс и другите големи произведувачи на медиумски содржини. Легендата вели дека тоа беше и еден од клучните фактори за пропаѓање на технички посупериорниот видео формат Бетамакс. Елем, порното беше на ВХС-и.
Но, сега една друга индустрија го презема приматот на лидер во технолошките иновации: пицата.
Минатата недела Доминос објави дека наголемо тестира самоуправувачки роботи за достава на пица. Со тоа си играат и Амазон и Гугл, но Доминос тврди ќе бидат готови први, за едно 6 месеци.
Некои од технолошките досетки им беа глупички, како копчето за нарачка на пица, небаре нуклеарка лансираш.
Но, не се само згодните апликации кои го оправдуваат насловот на оваа статија:
- Сакате да нарачате пица твитајќи емотикон? Има.
- Сакате да нарачате пица со помош на виртуелен Сири помошник? Има.
- Пица Хат дури експериментираше и со технологија на скенирање на окото: на дисплеј добивате разни "мастрафи" за пицата и можете да го одберете саканиот со самото гледање во него.
Зошто пицата и порното се упатени на технологија?
Затоа што и двата производа се во жанрот на она што се вика commodity: го сакаме и ни треба ама наоколу го има многу а разликите меѓу производите се или мали или пак ги нема. Оттука, технолошките и иновативни цаки се единствениот начин да се направи разлика од конкуренцијата.
Тоа го знаат големите како Доминос и Папа Џонс кои половина од приходите веќе ги прават преку дигитални платформи. Во својот последен годишен извештај, првиве ја нагласија технологијата како витална за долгорочен успех и одржување на брендот а во извештајот на Папа Џонс таа е ставена како сериозен фактор на ризик во понатамошното работење.
Затоа, следниот пат кога нарачувате пица преку веб или мобилна апликација, смирете си ја калоричната совест дека тоа го правите - за да ги помогнете технолошките иновации.