Митот за постојаната револуционерност на Стив Џобс

Во првиот викенд од излегувањето Епл продаде 9 милиони примероци од новиот Ајфон (рекорд), што не значеше дека Тим Кук ќе куртули од муабетот дека не е иновативен како Џобс и дека уште живее на стара слава.

Главното обвинување против Кук е дека нема ниту една револуционерна идеја која ќе ја промени индустријата, туку само товари работи на изумот на Џобс.

Она со што не се согласува Хари Меккракен од магазинот Тајм е дека Џобс нон-стоп бил револуционерен. Сметајќи го времето од 9-ти јули 1997-ма кога Стив Џобс се враќа во Епл, до крајот на неговиот живот (5.161 ден), излегува дека Џобс има се на се 6 револуционерни идеи (никој не вели дека се малку):

- Ајмак (1998.)
- Ајпод (2001.)
- Ајтјунс (2003.)
- Ајфон (2007.)
- App store (2008.)
- Ајпад (2010.)

"Ова се се' на се' шест револуционерни идеи, или во просек една на секои 860 денови. Ова секако е неверојатна серија. Меѓутоа не е револуција секоја втора година. А Тим Кук е ЦЕО на Епл нешто повеќе од 2 години, значи нема ништо проблематично околу фактот дека тој се уште не го превртел светот...

Од почетокот многумина претпоставуваа дека тој нема да успее да го замени Џобс. Што и не е неразумна грижа. Кук треба да ги пополни најголемите чевли во историјата на индустријата на лична технологија, а ниту тој ниту кој било друг има капацитет да ги прави сите работи кои природно му доаѓаа на Стив Џобс," пишува Хари Меккракен, според кој Џобс треба да се оценува според бројките, а не според емоциите.

 

25 септември 2013 - 14:35