![](/files/styles/780px/public/vesti/2025/02/05/438970-koristenjeto-na-dipsik-kje-stane-krivichno-delo-vo-sad.jpg?itok=9dnKfkHN)
Предлогот, спакуван како „забрана за увоз од или извоз во Кина на технологија за вештачка интелигенција“, е даунлодирањето на кинеската ВИ апликација Дипсик да се казнува со 1 милион долари, 20 години затвор или двете.
Законот не го споменува Дипсик конкретно, туку збори општо за заштита на американската интелектуална сопственост и спречување на „надворешен непријател да користи технологија која ја поткопува националната безбедност.“
„Америка не може да си дозволи да го засилува нашиот најголем непријател по цена на сопствената сила. Осигурувањето на американската економска супериорност значи отсекување на Кина од американската генијалност и запирање со помагање на иновативноста на Кинеската комунистичка партија,“ порачува републиканскиот сенатор Џош Холиј, кој е автор на законот.
Освен користење, законот забранува американски компании да соработуваат со кинески компании на тема ВИ, да инвестираат во нив или заедно со нив да истражуваат на темата.
Пуштањето во употреба на Дипсик направи поголема штета на американската технолошка индустрија од бомбардирање на најголемите дата-центри во САД, откако речиси крахираа акциите на сите поголеми играчи во ВИ индустријата. Првиот удар на Дипсик беше што го порази ЧатГПТ во тестовите за вештачка интелигенција, а потоа ја дотолчи американската ВИ индустрија објавувајќи дека целиот проект чини нешто помалку од 6 милиони долари, наспроти милијардите долари што Американците се колнат дека се неопходни за ВИ проектите.
Појавувањето на Дипсик беше проследено и со стандардните забелешки што американската технолошка индустрија ги има за странските производи: приватност и цензура. Првото е затоа што Дипсик собира податоци од корисниците и ги чува на своите сервери во Кина, а второто е затоа што не одговарал на прашања за Тиенанмен и Ујгурите.
Ова се речиси истите аргументи што се искористија за забрана на Тикток во САД.
Забелешката на законот е дека е реакционерен бидејќи на крај само ќе успее да го осакати општиот напредок и развој на ВИ, што пак ќе наштети на иновативноста во САД или ќе ги натера кинеските компании да наоѓаат начини како да го заобиколат истиот и да создаваат нови технологии.