Опцијата требаше да биде пуштена во оптек уште пред неколку месеци, меѓутоа целата работа излезе толку неповолна за Фејсбук што компанијата ја искористи целата своја моќ за да го натера Епл да го откаже пуштањето за барем некое време.
Последно е дека на Епл веќе не му се чека и „Tracking Transparency“е пуштен за тестирање кај корисници со бета пристап до 14.4 апдејтот за ИОС.
Ова се однесува на сите апликации, а примерот објавен на Макруморс е за официјалната апликација на НБА која прашува дали ќе и дозволиш да ја следи твојата активност додека си во други апликации или вебстрани. Овој тип на следење без престан функционира сите овие години и е легален бидејќи е закопан некаде во текстот за правилата за користење (во случајот со НБА стои дека вашите податоци ќе бидат користени за прикажување „подобри и поперсонализирани реклами“), што го прифаќате секој пат кога ќе инсталирате некоја апликација.
Иако е крајно револуционерно во однос на вашиот личен раат и приватност, се што Епл требаше да направи е да ја искористи контролата што ја има над ИДФА бројот, уникатна серија карактери што ја има само твојот уред и служи за негово идентификување во сите апликации што ги користиш.
Проблемот за Фејсбук тука е двоен. Прво неговото свето тројство на апликации ФБ, Инстаграм и Вотсап, нема да може да пристапуваат до податоците, и второ, сериозно ќе биде осакатена обемната мрежа на надворешни апликации кои го снабдуваат Фејсбук со информации за корисниците. Последица на сето ова е што губењето на пристап до ИДФА бројот значи дека мрежата на Фејсбук губи вредни податоци за корисниците, што пак значи дека Фејсбук губи пари од реклами кои историски се пласираа и продаваа врз основа на податоците од корисниците.