Како предности во користењето Томахавк, Вашингтон пост наведува:
- Немаат потреба од пилот кој би бил во близина на потенцијалната мета.
- Можат да бидат испукани од воени бродови оддалечени над 1.500 километри од метата (воздушна линија Скопје - Париз е нешто повеќе од 1.600 км).
- Војската на Асад ги има на располагање С-200 противвоздушните одбранбени системи, кои се прилично немоќни против Томахавк. (Сепак постои одредена нелагодност од можноста Русите да им имаат испорачано од понапредните С-300 или С-400 системи).
- Иако Томахавк има помала експлозивна моќ отколку бомбите што ги носат американските авиони, тоа не прави разлика кога метата се приземјени непријателски авиони, заради што нема потреба да се користи поголемата муниција.
- Одлуката да се користи Томахавк, наместо посериозните примероци закачени на воените авиони, делумно може да е и политичка. "Најблиската писта што Американците ја користат во околината е Инџирлик во Турција, меѓутоа за операција против сириската влада (од таму) веројатно би била потребна и турска согласност. САД имаат воени авиони и во останатите држави на Средниот Исток, но нивното користење исто така би можело да покрене дипломатски прашања."
Американците го употребуваат Томахавк уште од времето кога ја водеа првата војна во Персискиот залив во 1991. Пред бомбардирањето на Сирија, последен пат тие беа употребени во октомври минатата година за уништување на три радарски позиции на Хути бунтовниците во Јемен (сама по себе една од најтрагичните војни на денешницата која упорно не успева да добие внимание соодветно на страдањата во неа).
Од почетокот на војната во Сирија ова е втор пат како Американците употребуваат Томахавк, претходно тоа се случи во септември 2014, кога американски бродови од Персискиот залив и Црвеното море беа испукани вкупно 47 ракети. Овие напади беа против милитанти во тоа време поврзани со ал-Каеда.