
Уште во 2006 година Централната банка на Русија се префрли од нето-продавач на злато во нето-купувач и успеа да собере една од најголемите залихи во светот. Резервите на злато се дел од планот на Путин да изгради економија на „тврдина Русија“ отпорна на санкции.
Златото во средата првпат скокна на над 4.000 долари, со што добивките се над 50% само во оваа година. Залихите на Русија од 2.326,5 тони злато сега вредат нешто над 302 милијарди долари.
Најновиот раст е поттикнат од загриженоста за балонот кај акциите за вештачка интелигенција, затворањето на американската влада и неочекуваната оставка на францускиот премиер Себастијан Лекорну. Но, цената на златото метеорски се зголемува веќе со години. Од 2006 година, кога Русија почна да собира залихи, скокнала за 841%.
Централната банка на Русија значително ги зголеми купувањата на злато во 2014 година, според податоците од Светскиот совет за злато, во времето на Мајдан и анексијата на Крим. Во следните пет години банката купи уште 1.258 тони злато и ја изгради шестата најголема национална резерва во светот. Сега собира профит. Во август Русија беше една од само двете земји што продаваа злато. Продаде 3 тони прачки, што ѝ донесоа 441 милион долари.
Самата војна во Украина придонесе за зголемување на цената на златото, кое традиционално е најбезбедната вредност во време на превирања. Цената уште повеќе ја крена и војната на Блискиот Исток. Од руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, цената се зголемила за 111%. Тоа беше безбедна инвестиција и во несигурното време на пандемијата, а цената му ја крена и трговската војна со светот што ја почна Доналд Трамп.
Русија не е единствената што има полза од порастот на цената на златото. Кина исто така значително ги зголеми своите резерви во последниве години и има седмо најголемо богатство во светот. САД остануваат најголемиот сопственик на злато во светот со 8.133 тони, кои сега имаат вредност од 1.040 милијарди долари.
Во моментов има толку голема верба во оваа трговија што пазарот ќе оди до следното ниво од 5.000. Ќе има пречки на патот, како трајно примирје на Блискиот Исток или Украина, но основните двигатели на трговијата, огромниот и растечки долг, диверзификацијата на резервите и послабиот долар веројатно нема да се променат на среден рок, вели Таи Вонг, независен трговец со метали.
Новата проценка на Голдман Сакс е дека златото ќе достигне 4.900 долари за унца до декември следната година.
Сепак, не се сите убедени дека златото вечно ќе поскапува. Јост ван Лендерс од приватната банка Ван Ланшот Кемпен, вели дека златото сега е „екстремно скапо“ во споредба со други средства како обврзници или нафта.
Златото е интересна инвестиција во време на неизвесност, но во неговата висока цена веќе се вкалкулирани неизвесноста и пониските каматни стапки, вели тој.