Трамп тргна по црните пари на Антифа

Над 100 милиони долари од даночните обврзници се прелеале до организаторите на насилните протести во САД преку црни канали на организации што се декларираат за непрофитни, тврди директор од Институтот за одговорност на владата. Со пари што ги добиваат преку фондации на Сорос, Тајдс и Вис, здруженијата како Антифа функционираат како корпорации за насилни протести.

Откако ја стави Антифа на листата домашни терористички организации, претседателот Доналд Трамп им наредил на федералните агенции да спроведат координирана акција за да ги пронајдат тајните извори на финансирање на сите радикални непрофитни движења што организираат протести низ Америка. Во кампањата се вклучени државната обвинителка Пам Бонди, министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем и директорот на ФБИ, Кеш Пател.

Шејмус Брунер, директор за истражување во Институтот за одговорност на владата, тврди дека над 100 милиони долари средства на даночните обврзници течеле преку големи мрежи поврзани со протестни активности. Како главни извори на финансирање, Институтот ги издвоил Фондацијата Отворено општество на милијардерот Џорџ Сорос, Фондацијата Тајдс и разни странски донатори, како швајцарскиот милијардер Хансјерг Вис.

На тркалезната маса организирана од Трамп во Белата куќа, Брунер го опишал „здружениот бунт“ како операција со корпоративен стил, со одделенија задолжени за борбени акции на терен, со сектор за маркетинг, за односи со јавноста и за јавна поддршка.

Не станува збор само за Антифа, туку за цел екосистем од радикални организации за професионално организирање протести, вели Брунер.

Истраги спроведени од Институтот покажале дека на неодамнешните координирани протести во Портланд, Чикаго и Сиетл биле ангажирани платени професионални лица, а биле злоупотребени и бездомници за да се придружат во бунтот. Финансиерите обезбедуваат и специјални фондови за кауција, што им овозможува приведените лица да се вратат на протестите. 

За да се запре протокот на црни пари, Брунер ги повика Даночната служба и од Канцеларијата за управување и буџет да го преиспитаат или да го поништат ослободувањето од данок за непрофитните организации што злоупотребуваат добротворни средства.

Тие апсолутно можат да ги откажат сите идни грантови ако сметаат дека целите не се добротворни, рече тој.

Пател истакнал дека прогласувањето на Антифа за домашна терористичка организација ѝ помага на федералната полиција да го следи патот на парите сè до изворот. Шефот на ФБИ оцени дека овие финансиски криминални активности со децении се провлекувале низ американските институции „со цел да се собори Републиката“.

10 октомври 2025 - 14:49