Сакам да живеам, сакам сè повторно

По што цела Македонија ќе ја памети оваа година? Што ни останува од животот во колективното сеќавање? Ќе ни останат сликите кога сите заедно сме биле среќни, кога сите заедно пукавме од гордост, тоа исто искуство, и за оној што ќе летува на Бали и за оној што пред неколку дена со децата се вратил од Паралија, со торба испразнета од паштети и патлиџани.

******
А после се враќам меѓу тие момци, во гужвата и сè е пак тука. Моите соборци, лудаци, сите оние кои нема да можат да објаснат каде биле и што доживеале кога ќе се вратат дома, меѓу своите пријатели. Тука се и многу ми е полесно. Ја пијам таа рајска пијачка Џек, со отровот наречен кока-кола и повторно до длабоко во ноќта ги склопувам сите тие слики.

Сфаќам колку сме сјебани а колку сме вредни. Да се тетовира човек со онаа изјава од Неле Карајлиќ дека „единствен победник на војните ширум екс-Ју е всушност Рајфезен банк; единствено нивното знаме се виори секаде, во сите наши земјички“.

Сјебани како разединети а единствено вредни - сложни. Вардар е мала река но минува низ вените, од јулиските Алпи до Гевгелија. Од војните до сега само поплави можеа да нè обединат. Затоа еден од Долово, а друг од Мостар, облечени во своите знамиња, се гушкаат во солзи. Затоа Столе ќе удри форхенд „Република Македонија“ а Петар ќе му врати со бекхенд „Македонија“. Затоа Чупко зборува македонски како да му е мајчин. Затоа Циндра ќе дојде до Цупара и ќе му го подари својот МВП трофеј на полскиот куп пред сите. Затоа Тимур, о да, тој најголемиот Тимур, изјавата после освојувањето на Келн ќе ја започне со „криво ми е за Момир што кариерата не ја заврши со трофеј.“

И Тимур, и Шишкарев, и Криштопанс, тие се тие од онаа крилатица „Ние и Русите 300 милиони“. Сите да се такви, ќе биде доволен и еден милион за да нè биде.
*********
Летот на Луфтханза од Келн за Минхен доцнеше. На полноќ стигнав во хотелот и одгледав нешто од дочекот. Катаклизма. По што луѓето од Шабац ги паметат осумдесетите? По што цела Македонија ќе ја памети оваа година? Што ни останува од животот во колективното сеќавање? Ќе ни останат сликите кога сите заедно сме биле среќни, кога сите заедно пукавме од гордост, тоа исто искуство, и за оној што ќе летува на Бали и за оној што пред неколку дена со децата се вратил од Паралија, со торба испразнета од паштети и патлиџани. Со тоа што оваа приказна природно нè возбуди сите нас, нè потсети дека сме ист простор, ментално, културолошки, искуствено, дека повеќе нè дрма во гради отколку за други. 

Со очи веќе на половина копје, ги видов Стеван и Сретен, на бината, со овации. Кај ќе одат сега тие вакви, после такво искуство, од која планета ќе коментираат и што ќе коментираат? Секоја кабина ќе им биде мала. Беше тоа омаж и за сите македонски колеги кои сиве овие години ја буткаа напред ракометната приказна, работејќи за кикирики, за колку што обично работат новинарите. 
**********
Боже, не поигрувај се веќе со мене. Сакам назад дома, кај Јелена, Вера, Гаврило и сите оние кои нема да ме разберат и нема да можат да ме разберат.

Сакам да живеам. Сакам сè повторно.

Жика Богдановиќ

5 јуни 2019 - 11:03