
Секој ден има по еден или два од сателитите на Старлинк што паѓаат кон Земјата, тврди истакнатиот астрофизичар од Смитсонијан, Џонатан Мекдауел. Тој предупредува дека овој број ќе продолжи да се зголемува поради тоа што илјадници сателити влегуваат во доба на пензионирање, а компанијата на Маск сè уште ја проширува својата мрежа.
Само во текот на оваа година Спејс Икс лансираше повеќе од 2.000 нови сателити. Во трката се вклучија конкуренти што настојуваат да развијат сопствена мрежа на небото. „Амазон“ почна да ја распоредува првата серија од 3.200 сателити за својата мрежа „Куипер“. Кинезите имаат свои амбиции.
Со распоредувањето на сите констелации, очекуваме околу 30.000 сателити во ниската Земјина орбита и можеби уште 20.000 кинески сателити на височина од 1.000 километри, изјави Мекдауел за EarthSky.
Со други зборови, ниската Земјина орбита брзо се пренатрупува. Причината е и краткиот оперативен век од околу пет години на малите сателити. Тие се конструирани целосно да согорат во атмосферата откако ќе бидат исфрлени од орбита.
Експертите објаснуваат дека и „кремираните“ сателити се опасност затоа што оставаат метали во стратосферата, што би можело да поттикне верижна реакција што би го оштетила озонскиот слој.
Овој ризик досега беше премал за да се разгледува сериозно. Но веќе е доволно голема веројатноста дека може да ја оштетат горната атмосфера, вели Мекдауел.
Се зголемува и ризикот некои делови да не согорат целосно и да претставуваат закана за населени места. Федералната администрација за авијација предупреди дека до 2035 година до 61% ќе се зголеми веројатноста дека нема да согори некое од проектираните 28.000 парчиња.
Досега имавме голема среќа, но нема долго да трае, вели астрофизичарот од Харвард-Смитсонијан.
Ни тоа не е најлошото сценарио. Мекдауел предупредува на потенцијално катастрофалниот Кеслеров синдром - неколку судири на сателити во преполната орбита да предизвикаат неконтролирана верижна реакција во која би се создал облак од орбитални шрапнели. При таква ситуација, би биле уништени сите сателити од орбитата.