
За Македонија ова е трет квалификациски циклус во кој ќе биде битка против Белгијците. Прво се паднавме во иста група во квалификациите за ЕП 1996, а потоа за СП 2014.
Во овој циклус дома одигравме 1:1, идентично како на првото соочување на 16 ноември 1994-та. Другите три средби ги загубивме, што значи статистиката е на нивна страна: 3 победи и 2 нерешени средби.
Вечерва со почеток од 20:45 часот, избраниците на Боби Милевски играат на стадионот „Планет Груп“ во Гент, а во таа 94-та, тимот на Андон Дончевски настапи на „Констант Ванден Сток“ во Брисел.
Во 4 сабајле да не разбудат, од прва ќе го испукаме тогашниот состав:
Данчо Целески, Чеде Јаневски, Зоран Јовановски, Љупчо Марковски, Илија Најдоски, Вујадин Станојковиќ, Митко Стојковски, Бошко Ѓуровски, Тони Мицевски, Зоран Бошковски и Милко Ѓуровски.
На клупа беа Кире Трајчев, Неџмедин Мемеди, Драган Канатларовски, Жарко Серафимовски и Марјан Стојковски.
Домаќините поведоа со голот Герт Верхејен во 31-ва минута. Израмни Зоран Бошковски Чоко во 50-та минута со помош на голманот.
Имаме хајлајтс од тој дуел со старото лого на МТВ, со химни и коментар на Атанас Костовски. Слушнете го како завиваше додека топката одеше накај гол. Легенда.