За да го разбереш Путин, читај го Орвел

Структурата и поентата на 1984-та има застрашувачки прецизна сличност со актуелното однесување на Путин и моменталната позиција на Русија кон Украина.

Прво треба да се има предвид дека Путин со војната до сега постигна три работи: радикализирање на руската политика, уништување на мирот во Европа и ги натера Европејците да размислат околу претпоставките за својата иднина.

"За да го сфатиме овој ужасен настан во кој луѓето убиваат и умираат без некоја јасна причина треба да се потсетиме на некои клучни концепти од Орвел: Евроазија, двомисла и да научиме да го сакаме Големиот брат," пишува за магазинот Политико, професорот по историја од Јеил, Тимоти Снајдер .

Евроазија
Во 1984-та на Орвел, една од светските сили се вика Евроазија. Во реалниот свет Евроазија е една од главните доктрини на руската надворешна политика. Во дистопијата на Орвел, Евроазија е репресивна држава која постојано бара да почне некоја нова војна и е 'составена од целиот северен дел на европскиот и азискиот континент од Португалија до Беринговиот теснец,' а во земјата се практикува нео-болшевизам. Во реалниот свет, водечкиот руски теоретичар за Евроазија, Александар Дугин, себеси се нарекуваше "национален болшевик." Истиот овој човек долги години протежира дека украинската држава мора да биде уништена, а неодамна предложи дека Русија треба да ги истреби Украинците.

Двомисла
Орвел пишува за пропаганда која бара луѓето "симултано да имаат две мислења кои меѓусебно се поништуваат, за кои знаат дека се контрадикторни и да веруваат и во двете."

Снајдер дава неколку примери за двомисла извадени од руските медиуми:

- Од една страна Русија мора да упадне во Украина затоа што украинската држава е репресивна. Од друга страна, Русија мора да интервенира затоа што украинската држава не постои.

- Од една страна Русија мора да упадне во Украина затоа што Русите во Украина се присилени да зборуваат на украински јазик. Од друга страна, не постои украински јазик.

- Од една страна сите Украинци се националисти. Од друга страна, не постои украинска нација.

- Русија влегува во војна за да го спаси светот од фашизам. А во исто време фашизмот е добар. (Во Русија, Хитлер добива се поголемо признание како државник, Евреите се обвинети за Холокаустот, хомосексуалците се преставени како дел од меѓународна завера, а руските нацисти во Украина се претставени како херои).

Љубов кон Големиот брат:
Во 1984-та, човек учи да го сака Големиот брат со тоа што ќе го жртвува она што најмногу го сака.

"Во случајот со Украина ова е државноста, што Путин ја побара со тоа што го поддржа отцепувањето на земјата и формирањето на Новорусија на југоистокот. Во Европа ова би била мирната интеграција, достигнување со кое Путин се заканува. За сите нас останати, разумот," пишува Снајдер.

Професорот потсетува на крајот од 1984-та, во која припадник на режимот, сред тортура, дава неочекувана исповест: "моќта не е средство, таа е цел."

"Што и да му е на памет на Путин, што и да прави или вели, се што тој всушност заштитува е неговата сопствена моќ, нешто на кое ќе му дојде крајот за не многу долго време. Угнетувањето во Русија, војната во Украина и дестабилизацијата на Западот се гротескно висока цена да се плати за склоноста на еден човек. Наместо да почнеме од ова, наместо да гледаме во очите на двомислителот, подобро би било да размислиме што ни е вредно и што можеме да направиме за да го заштитиме тоа. Ако Украина стане Новорусија, Европа станува Евроазија, а Западот колабира, тоа нема да биде заради физичката моќ на Русија, туку заради нашата ментална слабост," порачува Снајдер.

15 септември 2014 - 14:14