Приближувањето до ЕУ повторно ја разгоре дебатата во Британија за границите на суверенитетот, која беше типична за периодот пред референдумот за раздружување од Унијата. Лабуристичките министри се обидуваат да избегнат дискусија за последиците од усогласувањето на стандардите во конкретни сектори и го префрлаат фокусот врз општиот економски поттик што се очекува да го донесе договорот за храна. Владата тврди дека договорот ќе го поевтини увозот и извозот и ќе ѝ носи на економијата по околу 5,1 милијарда фунти годишно.
Опозициските конзервативци и партијата „Реформ УК“ од друга страна не пропуштаат ни најситен случај што покажува дека Лондон едноставно прифаќа правила наметнати од Брисел.
Деновиве најжестока е расправата за британскиот чипс со вкус на чадена сланина, кој би бил забранет за продажба во Европската Унија. Согласно новите правила против доведување на потрошувачи во заблуда, зборот „сланина“ не смее да се користи во имињата на производи од растително потекло, а аромата на чад не смее да се употреби во никаква храна, поради загриженост за можна токсичност. ЕУ ја ограничи употребата на 31 термин - во кои спаѓаат „сланина“, „стек“, и „батак“ - исклучиво за производи што содржат месо.
Новите правила, кои ќе стапат на сила дури по август 2029 година, ѝ овозможуваат на Европската комисија да предвиди исклучоци за називи кои веќе долго време се користат на пазарот. Европската индустрија за грицки бара појаснување како овие правила ќе се применуваат за чипсот со арома на месо и кај производите чиј вкус е постигнат без употреба на какви било екстракти од месо.
Усогласувањето на стандардите би значело дека овие прописи ќе важат и за Британците, кои според анализите се меѓу најголемите потрошувачи на чипс во Европа.
Федерацијата за храна и пијалоци, која ги претставува британските производители на чипс, го поддржува обидот на владата да постигне договор за храна заради намалување на трговските бариери со Европа. Но, во исто време ја повика владата да соработува со индустријата за да се осигури дека интересите на Британија се одразуваат во донесувањето одлуки во ЕУ.
Заштитата на месото е пример за ново правило на ЕУ што британските бизниси ќе треба да го почитуваат, но во чие развивање Британија воопшто не беше вклучена, изјави Кејт Халивел, главниот научен директор на Федерацијата.
Комитетот за европски прашања при Домот на лордовите предупреди дека договорот за ресетирање на односите би можел да ја принуди Британија секоја година да прифаќа до 780 закони од Брисел.