Шефот за домашно разузнавање на покраината Тирингија укажува дека ризикот за шпионирање преку современите електрични коли поврзани на интернет е подеднаков за сите производители и затоа не треба да се издвојуваат земји како Кина.
Дури ни производителите од сојузничките земји не би требало да имаат повластен третман при безбедносните проверки. Не смееме да претпоставуваме дека меѓу пријателите не се случува шпионажа. Истите стандарди треба да важат и за „Тесла“ и за сите други, изјави за „Ханделсблат“ Штефан Крамер, директор на покраинската Служба за заштита на Уставот.
Голем дел од новите возила имаат техничка можност да снимаат податоци генерирани за време на возењето – локацијата, снимки од камери и податоци од други сензори – и да ги испраќаат до централните системи на производителите.
Германското Сојузно биро за информатичка безбедност (BSI) им налага на производителите да ги заштитат компјутерските системи од кибернетски напади и задолжително да наведат какви податоци собира возилото, каде се пренесуваат и дали постои ризик за неовластен пристап. Но, конкретниот обем на генерираните податоци и начинот на нивниот пренос честопати остануваат нејасни.
Секој што дозволува влез на вакви системи во чувствителни воени зони без соодветна проверка отвора врата за странски разузнавачки служби. Техничките ризици се споредливи. Начинот на кој се инсталира технологијата е сличен. Затоа, заштитата на чувствителните области мора да се базира на технички фактори, а не само на земјата на потекло, изјави Марк Хенрихман, претседател на парламентарната комисија за надзор на разузнавачките служби во Бундестагот.
Иако досега нема конкретни докази за шпионажа преку вакви возила,
офицерите повикуваат ограничувањата да се прошират и на цивилни објекти, како владините згради, полициските станици и штабовите на разузнавачките служби, пред кои секој може да паркира возило опремено со камери, микрофони и системи за следење.
Она што важи за касарните мора да важи уште повеќе за разузнавачките служби и владините оддели релевантни за безбедноста и критичната инфраструктура. Не станува збор за општа забрана за возење пред секое министерство, туку за јасни правила, истакна Хенрихман.
Шефовите на германското разузнавање исто така ги повикуваат вработените да бидат екстремно претпазливи што и каде кажуваат.
Персоналот треба да биде свесен колку е важно да не разговара за доверливи прашања додека се во своите возила, изјави Крамер.