САД и Русија се против ограничувања за автономно оружје

Подемот на вештачката интелигенција поттикна развој на беспилотни летала, роботи, тенкови, подморници и друга воена опрема способна да убива без притоа да биде контролирана и директно управувана од луѓе. САД и Русија, главните производители на оружје во светот, се спротивставуваат на усвојување правно обврзувачки правила за автономно оружје.

Обединетите нации очекуваат жестока дебата на глобалниот собир на кој треба да се одлучи дали воопшто да почнат преговори за ограничување на смртоносните автономни системи за оружје (LAWS).

Седум земји – Австрија, Белгија, Бразил, Ирска, Мексико, Нов Зеланд и Панама – во октомври претставија план за двогодишен мандат за преговори кои би завршиле со правно обврзувачки протокол. Повеќето од 128-те држави-потписнички на Конвенцијата за одредени конвенционални видови оружје поддржуваат забрана, но големите воени сили – вклучувајќи ги САД, Русија и Израел – се спротивставуваат, со образложение дека постојното хуманитарно право е доволно.

Русија смета дека е прерано за воведување ограничувања и предупредува против политизација на преговорите. САД предложија временска рамка за разговори од пет години, насочена кон необврзувачки договор.

Полуавтономно оружје помогнато од вештачка интелигенција веќе се користи во Украина, Судан и на Блискиот Исток, и покрај етичките дилеми.

Природата на војувањето се менува. Новите технологии, вклучувајќи ги и автономните системи за оружје, носат нови хуманитарни, правни, етички и безбедносни предизвици, предупреди генералниот секретар Антонио Гутереш.

Повици за строго регулирање упатија и папата Лав, Меѓународниот комитет на Црвениот крст и организации за човекови права.

На машините никогаш не смее да им се дозволи да одлучуваат кој ќе живее, а кој ќе умре на бојното поле. Таа дистопија брзо ни се приближува, изјави Верити Којл од Хјуман рајтс воч.

Дебатата во седиштето на ОН во Женева почна денеска и би требало да заврши до крајот на неделата. Сите опции се на маса, вклучувајќи и хибриден договор во кој само дел од решенијата би биле правно обврзувачки. Според правилата на конвенцијата, одлуките мора да се носат со консензус. Тоа значи дека која било поединечна земја може со вето да го спречи постигнувањето договор.

16 ноември 2026 - 12:43