Медиумите генерално се потпираат еден на друг, меѓутоа најмногу се повикуваат на еден основен извор - интервју од ноември 2007-ма што Станислав Белковски, го даде за германски Die Welt. Во интервјуто тој тврди дека Путин контролира 37% од нафтената компанија Сургутнефтгас и 4,5% од Гаспром. Процената на богатството на Путин на 40 милијарди долари, во основа е пазарната вредност на неговиот удел во овие компании.
Во поново време новинарите кога го прашуваат Белковски за сумата, тој одговара дека таа веројатно пораснала и денес изнесува меѓу 60 и 70 милијарди долари.
"Проблемот е што нема ниту најмал доказ дека Путин поседува дел во овие две компании. Западните новинари кои го користат Белковски како извор или не знаат кој е тој или само ги пишуваат неговите обвинувања бидејќи се интересни.
Белковски е поранешен програмер, кој станува политички консултант и пишува неколку книги за Путин и комична театарска претстава на тема руски политичари.
Белковски е шармантен и има лесен стил за пишување што го направи популарен колумнист... Починатиот тајкун Березовски еднаш призна дека го најмил Белковски, кој е инаку Евреин, за да ги собере руските националисти против Путин. Проектот никогаш не се остварил, можеби и затоа што најголемиот дел од руските националисти се анти-семити," пишува Блумберг.
Кога новинар на Асошиејтед прес во 2008-ма го запраша Путин за пишувањата за неговото богатство, рускиот претседател одговори: "Тоа се само муабети, нема што да се дискусира. Тие си го исчепкале носот и тоа го размачкале на нивниот весник," изјавил Путин, по што продолжил "јас сум најбогатиот човек не само во Европа туку и на светот. Јас собирам емоции, јас сум богат од тоа што народот на Русија два пати ми веруваше да бидам лидер на ваква голема нација како што е Русија - јас верувам дека тоа е моето најголемо богатство."
"Иако звучи како фалење, меѓутоа моќта на Путин е неговото богатство на повеќе од еден начин," додава Леонид Бершидски во текстот за Блумберг.
Опозицискиот лидер Борис Немцов, кој беше заменик премиер во времето на Јелцин, минатата година објави цел извештај за тоа како Путин се богати.
"Извештајот на Немцов не пишува многу за личното богатство на Путин и дали тој воопшто има богатство. Како поранешен владин функционер, Немцов знае дека во Русија, на државниот лидер не му треба пари или имот. Тој ја има целата држава зад себе и на повик. Доволно е Путин да пукне со прстите и државните компании почнуваат да истураат имот во рацете на неговите пријатели по багателни цени. Само шепот од него и богат приватен бизнисмен ќе донира за луксузното реновирање на претседателската палата," објаснува Бершидски.
Кога во 2008-ма му заврши вториот претседателски мандат на Путин, Кондолиза Рајс во депеш пишува дека тој бил сериозно вознемирен заради неговата иднина и обезбедувањето на имунитет од законот, во случај некоја идна влада некогаш реши да го гони, па заради тоа го мести Медведев да биде негов наследник.
Излезе дека Путин не ни помислувал на повлекување, а сегашниот негов претседателски мандат истекува во 2018-ма. Во ова време тој треба да одлучи дали ќе истера уште еден мандат "или ќе реши услугите што цело ова време им ги дава на своите пријатели да ги претвори во готовина и имоти."