Денешните приказни, расправи, полемики и "најнови толкувања на Меморандумот" нè враќаат во минатото и времето на партиски, идеолошки, комитетски, полициски, безбедносно-разузнавачки и меѓунационални пресметки.
Меморандумот одамна требаше да биде гајле за луѓето задолжени за вистините од минатото - историчарите.
Преиспитувањето на Меморандумот е само дел од новите и опасни игри на разно-разни манипулатори во Србија и вон српските граници.
За жал, како и пред 30 години, тој недовршен спис за "положбата на српскиот народ во Југославија" служи за дневно политички расправи, пресметки, обвинувања и докажувања на "вината" на поедини "белградски интелектуалци" во подривањето на земјата која беше на издишување.
Приказната за Меморандумот денес - после сето она што се случи во 90-тите години - е уште еден обид за "дијагностицирање на причините" на болестите од кои умре Југославија; што тоа и кој тоа ја разболе таа голема и убава земја за да исчезне во огинот од кој и беше создадена.
И тие расправи ќе ги има и во иднина, сè додека луѓето - главно политичарите - не сфатат дека дување во пепелта на штотуку изгасената куќа е опасно и погубно по кревкиот мир меѓу земјите кои до вчера војуваа.
Поедини "раководни луѓе" наместо да бидат пожарникари, со грда и цинична страст ја презедоа улогата на пиромани.
Истовремено, од просторите на поранешна Југославија, од новонастанатите држави, со автобуси, возови и авиони заминуваат млади луѓе желни за подобар живот и мир за иднината на своите деца.
Младите заминуваат и веќе никогаш нема да се вратат во земјата во која омразата се негува како цвеќе.
И во тие нови, етнички чисти земји ќе останат главно бесни старци кои ќе се враќаат и ќе се тепаат со стапови, штаки и протези.
И минатото ќе им биде единствената иднина.