Луѓето се борат за своите права, не за членство во ЕУ
Демонстрациите во Украина не се про-ЕУ (како што тоа е пренесено од мнозинството меѓународни новински агенции). Прекинот на договорот за асоцијација со ЕУ во ноември беше причина само за локални протести. Меѓутоа откако еден мирен студентски протест беше насилно растурен од "Беркут" (специјалната полиција) во Киев на 30-ти ноември, милион гневни луѓе се собраа на главниот плоштад во градот. Од тогаш бунтот не е престанат; наместо тоа тој се претвори во анти-владино востание во кое се бара оставка на премиерот и министерот за внатрешни работи, и оставка од претседателот Виктор Јанукович. Најголемиот дел од народот е уморен од комплетната корупција во сите сфери на животот, недостатокот на правда и самоволието на функционерите од безбедносниот систем. Средната класа стана мотор на протестите откако претрпе малтретирање од даночните агенции. Сега на протестите им се приклучија и радикали, кои всушност ги започнаа насилните пресметки во неделата (19.01), уморни од чекање акција од либералната опозиција. Како и да е, тие добија поддршка меѓу мнозинството од демонстрантите.
Фокусот на протестите е демократски избраниот Претседател Виктор Јанукович
За време на претседателските избори во 2010-та, според сведоштвата на меѓународните набљудувачи, Виктор Јанукович легитимно го победи својот главен противник - поранешната премиерка Јулија Тимошенко. Потоа, за време на неговото владеење, властите ја обвинија за склучување на недозволени договори за гас со Русија и таа беше осудена на 7 години затвор! По ова Јанукович и неговата екипа не се осмелија да тргнат по Русите или да го разрешат проблемот на суд. Ова ги расипа односите меѓу украинскиот Претседател и западните лидери. Претседателот Обама го игнорира Јанукович; а Владимир Путин - со кого Тимошенко го потпиша договорот во 2009-та - објави дека е подготвен да ја прифати Тимошенко во Русија за лекување на проблемите со грбот.
Најголемиот дел од Украинците се вознемирени од моќта на "семејството"
Таканареченото Семејство (неформалната структура на моќници составена од луѓе блиски до Претседателот) е многу важен дел од тешката ситуација во земјата, бидејќи некои од најпрофитабилните сектори од украинската економија се под нивна контрола. Оваа структура сега работи на проширување на медиумскиот пазар во земјата купувајќи некои од најголемите медиуми. Најголемиот медиа холдинг, кој ги објавува Форбс и други големи брендови, неодамна беше купен за 300 до 400 милиони долари. И бидејќи најголемиот дел од телевизиите се обидуваат да го избегнат критикувањето на власта, повеќе или помалку вистинити вести се достапни на интернет. Вкупното богатство на синот на Претседателот, Александар Јанукович, се верува дека е за 3 пати зголемено, достигнувајќи околу 510 милиони долари. Самиот Претседател не сака да објасни како се случило ова.
Уште еден проблем: Силната вертикала на моќта во Украина
За време на неговото владеење Јанукович ја трансформираше земјата од парламентарна република во претседателски систем. Тој изгради ригиден систем на команда, во кој сите структури на моќта, даночни агенции, обвинители и судови се директно под негова власт. Тој ова го користи не само како алатка за десеткување на неговите противници, туку и за решавање на своите бизнис проблеми.
За луѓето е тешко да ја откријат вистината
Украина речиси и да нема независни медиуми надвор од интернетот. Некои луѓе од индустрискиот исток, кој граничи со Русија, не ја ни знаат вистината за она што се случува во Киев. Централните телевизиски канали едноставно не ги прикажуваат или ги извртуваат информациите. Печатот е монополизиран или поседуван од олигарсите. Се до неодамна единствен вистински остров на слободата беше интернетот, меѓутоа минатиот петок (17.01) Јанукович потпиша закон кој му дозволува на секого да затвори вебстрана заради најмала поплака без никакво судење или предупредување. Новинарите се соочуваат со огромен притисок и огромни кампањи за нивно дискредитирање. Една новинарка, Татјана Чорновол, која пишуваше за богатството на Јанукович, неодамна беше најдена сериозно претепана од петмина провалници.
Застрашувањето е станато дел од секојдневниот живот
Во рамките на оваа силна репресивна машинерија, судовите и обвинителите можат да ги заплашуваат оние активисти и јавни личности кои не се согласуваат со режимот. Некои луѓе беа присилени да избегаат во странство, додека на некои им беше одземен имот. Претседателот за ова ги обвинува судовите, меѓутоа сите сфаќаат дека судовите се контролирани од него. На пример, Јанукович во петокот потпиша закон со кој се дозволува човек да биде осуден без негово присуство во судот, како во времето на Сталин во средината на 20-от век. Владата дури најмува тепачи од спортски клубови, кои директно го вршат заплашувањето на луѓето кои не се согласуваат со нив. Најголемиот дел од поранешните поддржувачи на Јанукович ги изгубија своите бизниси во изминатите неколку години, заради проширувањето империјата на Семејството. Новинарите открија и дека оваа структура, контролирана од синот на претседателот, почна да апсорбира се повеќе и повеќе од имотот на други луѓе.
Опозицијата е слаба
Украинската опозиција минува низ тежок период. Таа е претставена од најмлаку три политички сили. Една од партиите, со која некогаш управуваше Тимошенко, постојано е дел од Парламентот и веќе е на големо дискредитирана, ама сепак ја избираат. Втората е под водство на поранешниот шампион во бокс Виталиј Кличко, и од неодамна успеа да собере голема поддршка. Нив веќе ги сметаат за партија која е најмногу подготвена за претседателскиот кабинет. Третата сила се националистите кои преку радикалните слогани добија на популарност меѓу разочараните гласачи. По 2-месечни протести, ниту една од овие партии не најде компромис со владата, и ниту една не им понуди на луѓето јасен план за акција. Лидерите на трите партии тактички се борат меѓу себе за позицијата на заеднички кандидат на изборите во 2015-та. Нивните некоординирани акции ги разочараа радикалите, кои се судрија со полицијата во недела, 19-та јануари. По 4 дена крвави судири, овие политички лидери не можеа да најдат излез од ситуацијата. Тие повеќе не го контролираат немирите.
Единиците на Беркут претставуваат посебен проблем
Еден од клучните столбови на режимот на Јанукович се "Беркут" специјалните сили, единици кои се дел од Министерството за Внатрешни работи. Иако тие немаат официјален статус, тие се формирани од полицајци специјално подготвувани за задушување на бунтови и немири. Нивната бројка е мала - само 4 илјади - ама тие се посебно сурови и добиваат одлична плата за нивната работа. Во изминативе неколку денови на интернет кружеа слики од специјалните сили како брутално претепуваат новинари и мирни демонстранти. Неодамна тие наводно фатија демонстранти, ги соблекоа и ги прскаа со вода на -10 степени Целзиусови. Како дополнување, во изминативе денови, тие неселективно пукаа по демонстраторите, чин што очигледно е против законот. Важно е да се забележи дека до сега армијата одбиваше да го брани режимот на Јанукович и да се бори против народот.
Најголемиот дел од народот смета дека Западот е премногу пасивен
Се до оваа недела реакцијата на САД и останатите Западни држави на ситуацијата во Украина беше минимална. Најголемиот дел од демонстраторите не веруваат дека ЕУ и САД се подготвени да им помогнат на Украинците да ги изборат своите демократски вредности. Дополнително, има гласини во локалниот печат дека Америка се согласила да и ја остави Украина на Путин, во замена за зголемено влијание на САД во Сирија и останатите кризни точки. Првата промена беше забележана на 22-ри јануари, кога САД конечно најави дека нема да им издаде виза на сите украински функционери кои беа вклучени во насилството против мирните демонстранти во главниот град на Украина, кога неколкумина беа и убиени. ЕУ до сега објавува само дипломатски соопштенија, порачувајќи дека се уште нема да предизвикаат санкции.
Самите демонстранти се феноменално иновативни
Ако минете низ центарот на Киев ќе бидете шокирани како во срцето на немирите функционира Плоштадот на Независноста (Майдан Незалежності): луѓето од цела Украина доаѓаат таму, носат се што треба за да се живее во воени услови. Има многу шатори во кои можете да се одморите, буриња за греење, полски кујни, бина, болница и приватно обезбедување. Тука нема алкохол, а строгата дисциплина е главна предност на Мајдан. На границите на плоштадот изградени се огромни барикади во случај на напад од режимот. И покрај извештаите од про-владините медиуми, не се сите луѓе тука дојдени за "американските пари," туку заради идејата за подобра иднина. Еден од уникатните форми на протести е "аутомајдан." Возачите со своите автомобили ги блокираат автобуските станици на полицијата или цели полициски згради, со цел спречување на можните акции на полицијата против мирните демонстранти.
автор: Тарас Илкив