Самата трета рунда почна крајно песимистички, со Барние кој призна "да бидам искрен, загрижен сум". Целта беше, исто како и во претходната рунда, да се постигне некаков значителен напредок на едно трите главни прашања од разводот: финансиско подмирување, права на граѓаните и жителите на ЕУ, и границата меѓу Ирска и Северна Ирска.
ЕУ инсистира овие три теми да бидат разрешени пред двете страни да почнат со дебатирање трговија и идните меѓусебни односи. И двете страни очекуваа овие три прашања да бидат решени до октомври. Сега ЕУ не е баш сигурна во тоа.
"Моменталната ситуација е дека сме прилично далеку од тоа да можеме да кажеме дека имаме значителен прогрес - нема доволно напредок за јас да можам да кажам дека може да почнеме со дискутирање за идните односи," вели Барние.
Заплетканоста и немањето напредок никако не значат дека непостигнувањето договор ќе значи и откажување на брегзит, напротив рокот за раскинување останува март 2019 без разлика што ќе се случи.
Џонатан Портес, професор по економија и јавни политики на лондонскиот Кингс колеџ, објаснува дека во случај на нечкање и двете страни ги очекува "остар брегзит", што значи дека ги имаат разрешено овие три прашања, меѓутоа немаат постигнато трговски договор. Ваквото половично решение, според него ќе доведе до хаос.
"Меѓутоа може да нè чека 'хаотичен брегзит' кој значи немање никаков договор - никаков договор за условите на нашето повлекување (сегашните три прашања), а не па за идните односи," објаснува Портес.
Во пракса ваквиот исход ќе значи економски и политички проблеми за Северна Ирска, и нерешен статус на милионите ЕУ жители во Британија, и британските жители во ЕУ.
Оваа позиција е комплетно спротивна на она што Тереза Меј го тврдеше во јануари дека "немање договор е подобро од лош договор", што делумно беше објаснувањето за "влечењето" на британската делегација во преговорите.
Заканата од британската премиерка ништо посебно не ја вознемири ЕУ, која својата самоувереност ја базира на статистиката што покажува дека 40% од вкупниот британски извоз завршува во Унијата. Без договор, по март 2019, на целиот извоз на Британија во ЕУ автоматски ќе му бидат наметнати тарифи и царини. Иако се уште има пристап до заедничкиот пазар, од референдумот до сега, британската фунта има изгубено 13% од вредноста во однос на доларот.
Меѓу "остар" и "хаотичен" брегзит, Портес го претпочита првиот затоа што тоа барем ќе им даде шанса на граѓаните на двете страни да се адаптираат на новата ситуација и да имаат некаква стабилност и сигурност во решен статус.
Она со што двете страни радо се фалат до сега е дека имале "плодни дискусии".
"Ама плодни дискусии се многу далеку од вистински договор. Со само две рунди преговори кои остануваат пред октомврискиот самит на ЕУ (за време на кој треба да се одлучи дали преговорите можат да преминат на трговија), веројатноста за постигнување договор пред октомврискиот краен рок се многу мали," пишува Јасмин Серхан во Атлантик.
Збор два околу досегашниот тек на брегзит, тука.