Се подготвува најголемото судење во модерната историја на Ватикан

Еден кардинал и девет други луѓе се обвинети дека од Светата столица исцедиле десетици милиони долари од донации преку лоши инвестиции, зделки, сомнителни менаџери на фондови и услуги за пријателите и семејството.

Освен кардиналот, на списокот обвинети има на пример, аналитичарка која за себе купувала предмети од Прада и Луи Витон со пари на Ватикан кои требала да ги исплати за откупнина за киднапирани католички чесни сестри.

Првите сослушувања закажани за неделава, се кулминација на 2-годишната истрага околу проблематичната инвестиција на Ватикан во Лондон од 350 милиони евра.

Истрагата покажала дека Папата Франциско и неговите највисоки соработници во одредени случаи не само што биле свесни за клучните трансакции, туку и ги одобриле истите. Заради строгата хиерархија и потчинетост на која се потпира Ватикан, прашањето е како некои луѓе се обвинети, а други избегнале обвинение.

Ал Џезира го дава примерот со монсињор Алберто Перласка, кој успеал да избегне обвинение и покрај тоа што неговата канцеларија од почеток до крај ја менаџирала инвестицијата во Лондон, а директниот претпоставен го идентификува токму него како главен виновник за скапиот исход на целата инвестиција. Сепак според обвинителството Перласка решил да смени страна и сега е еден од нивните најважни сведоци.

Кардиналот кој се споменува во обвинението е Анџело Бечу, истиот кој минатата година беше обвинет од Папата дека исплатил 100.000 евра од фондовите на Ватикан на добротворна организација управувана од братот на Бечу.

Заради ова Бечу доби отказ од својата позиција и му беа одземени сите права како кардинал, меѓутоа и понатаму ќе одговара на судењето.

Бечу е поврзан и со надворешната консултатнтка на Ватикан за безбедност, Чечилија Мароња, која е обвинета за проневера за 575 илјади евра од парите на Ватикан кои Бечу ги одобрил за исплата на откуп за ослободување на католички заложници. Банкарските извештаи покажуваат дека таа парите ги користела за плаќање сметки во луксузни продавници и скапи хотели.

Во 2014 Ватикан решава да инвестира првични 200 милиони евра во фонд управуван од италијанскиот бизнисмен Рафаеле Минчоне. Половина од парите треба да завршат во недвижност во Лондон, а половина во други инвестиции.

До ноември 2018, првичната инвестиција веќе губи 18 милиони евра заради што Ватикан бара стратегија за излегување но и понатаму да го задржи својот удел во заградата во Лондон. Тука се појавува уште еден посредник, Џанлуиџи Торзи, кој помага да се договори 40 милиони евра исплата за Минчоне.

Според обвинението Торзи прави измама и успева тајно да преструктуира 1.000 акции што Ватикан ги има во компанијата која стои зад зградата, и со тоа на себе да ги префрли целосните права за гласање. Обвинителите тврдат дека Торзи изнудил 15 милиони евра од Ватикан за да им ја предаде контролата врз зградата која тие веќе мислат дека ја поседуваат.

Откако сфаќаат дека Торзи ја контролира зградата, а сакајќи да се продолжи со проектот, на Ватикан му остануваат две решенија или да му плати на Торзи за акциите или да го тужи. Процената е дека тужењето би можело многу да се одолжи па дури и да заврши во корист на Торзи.

Државниот секретар на Ватикан кој е кабает дека потпишал документ кој легално му ја предава контролата врз зградата на Торзи, тврди дека бил измамен од адвокат кој околу договорот подготвил меморандум од една страна во кој ги немало клучните детали, вклучително и гласачкото право на Торзи. Ватикан дури подоцна сфаќа дека адвокатот бил поврзан со Торзи.

28 јули 2021 - 14:15