Се работи за инцидент од септември 2016, кога 42-годишната Хаса му наредува на својот телохранител да го претепа водоводџијата што бил дојден на интервенција во апартманот во Париз. Бидејќи е наредба од принцеза, тој го претепува водоводџијата, не му дозволува да си замине и го навредува.
Пред да се случи сето ова принцезата го фаќа водоводџијата, Ашраф Еид, како фотографира кај нејзе во стан. По фотографирањето и ќотекот, Еид на принцезата и пуштил фактура од 21.000 евра, за работата што таму ја завршил.
Принцезата во отсуство е осудена на 10 месеци условно и 10.000 евра казна. Телохранителот добива 8 месеци условно и 5.000 евра казна.
Еид тврди дека тој работел на 7-от спрат од зградата кога бил повикан на 5-ти спрат кај принцезата за да поправи расипан мијалник. Тој тврди дека го фотографирал купатилото за да може да заврши работа, меѓутоа на една од фотките, во огледалото фатил и слика од принцезата.
По ова тој бил врзан од телохранителот и му било наредено да и ги баци стапалата на принцезата. Нему му било дозволено да си замине дури по неколку часа, откако му бил уништен телефонот, а наводно во еден момент принцезата извикала „убиј го кучето, не заслужува да живее“.
Одбраната на телохранителот е дека тој само притрчал во помош на принцезата која веќе била во караница со Еид, стравувајќи дека тој фотографира за сликите да им ги продаде на арапските медиуми.