Ласер ни носи десет пати побрз интернет

Дизајниран е нов ласерски засилувач што овозможува десет пати поголем проток на информации во споредба со сегашните системи со оптички влакна. Надградувањето на технологијата ќе биде нужна, бидејќи се очекува сообраќајот на податоци да се удвои до 2030 година поради ширењето на услугите за стриминг, паметните уреди и генеративната вештачка интелигенција.

Оптичките телекомуникациски системи пренесуваат информации со испраќање импулси на ласерска светлина преку кабли со оптички влакна, кои се тенки нишки од стакло. Брзината на светлината е непроменлива, но капацитетот може да се зголеми со проширување на пропусниот опсег, односно брановите должини на светлината.

Засилувачите што сега се користат во оптичките комуникациски системи имаат пропусен опсег од приближно 30 нанометри. Нашиот има опсег од 300 нанометри, што му овозможува да пренесува десет пати повеќе податоци во секунда од оние на постоечките системи, објаснува авторот на проектот, Питер Андрексон, професор по фотоника на Технолошкиот универзитет Чалмерс во Шведска.

Новиот засилувач е направен од силициум нитрид, стврднат керамички материјал кој е отпорен на високи температури. Користи насочувачки на бранови во форма на спирала заради отстранување на аномалии од сигналот. Димензиите овозможуваат повеќе засилувачи да се вградат на мал чип.

Засилувачот моментално функционира со бранови должини на светлина од 1.400 до 1.700 нанометри, што е во опсегот на инфрацрвени кратки бранови. Следната фаза во истражувањето ќе биде да се види како работи на други бранови должини, како на видлива светлина (400 до 700 нанометри) и на инфрацрвената (2.000 до 4.000 нанометри).

Дизајнерите тврдат дека има многу потенцијални апликации, вклучувајќи холографија, спектроскопија и микроскопија.

Малите прилагодувања на дизајнот ќе овозможат засилување и на видливата и инфрацрвената светлина. Засилувачот може да се користи во ласерски системи за медицинска дијагностика, анализа и третмани, тврди Андрексон.

******
Види и: Јапонци срушија рекорд во брз интернет

2 јуни 2025 - 12:18