
Во специјалниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени во 2018 година беше проценето дека до крајот на овој век ќе мора да бидат отстранети од атмосферата помеѓу 100 и 1.000 гигатони CO2 за да се избегне пораст на глобалната температура од 1,5 Целзиусови степени. Понови проекции на IPCC укажуваат дека до 2050 година ќе мора да се отстрануваат помеѓу 5 и 16 гигатони годишно, во зависност од тоа колку брзо се намалуваат емисиите на CO2.
Бавниот напредок е последица на слабиот корпоративен интерес за климатска акција. Чекорите на администрацијата на Доналд Трамп укажуваат дека темпото нема да се забрза во скоро време.
Од каде ќе дојде побарувачката и кога? вели Грегори Немет од Универзитетот во Висконсин-Медисон.
Извештајот на IPCC пред седум години поттикна формирање стартапи со разни технологии за отстранување на CO2. Пристапите опфаќаат дување воздух преку хемикалии или исфрлање стотици илјади тони карпеста прашина по фармите за да го претвори јаглеродот од атмосферата во минерална форма. Големи количини на биомаса се претворени во постабилен биојаглен или се горат во електрани опремени со системи за зафаќање на јаглерод.
Досега се инвестирани 6,5 милијарди долари во проекти за трајно отстранување на 28 милиони тони CO2. Реализирани се 720.000 тони, а до крајот на годинава се очекува да биде надмината границата од 1 милион тони, изјави Александар Ринк од CDR.fyi.
Дури 90% од инвестициите се од Мајкрософт, но од илјадниците компании што поставија свои климатски цели, само 0,6% вложиле во проекти за отстранување CO2.
Дури и 28-те милиони тони што се нарачани за отстранување се занемарливи во однос на влијанието врз климата. Со сегашните нивоа на емисии, отстранувањето на 1 милион тони е како да се поништат 13 минути од цела година. Тестирањето на сите различни методи може да биде вредно за идните проекти, но ништо од тоа не е важно од климатски аспект, објаснува Дејвид Хо од Универзитетот на Хаваи во Маноа.