Ако се следеше последната дебата на демократските кандидати на CNN, кога учесниците нафрлаа аргументи околу темата дали климатските промени се примарен непријател на САД и зошто минималната плата треба да се дигне од 12 на 15 долари за час, неодминливо е чувството дека Берни Сандерс веќе извојува голема победа, без оглед на крајниот исход од оваа трка.
Тоа се теми кои до пред некое време беа запоставени во политичките пресметки а кои успеа да ги наметне 74 годишниот сенатор и демократски социјалист по убедување. Откако неговата кампања фати залет пред едно 6 месеци, духот на партијата и нејзините симпатизери е радикализиран а публиката е форматирана да сака да слушне нешто за економијата но од аспект на животот на обичниот човек и да се заинтересира за болните но подзаскриени теми каква што е расната дискриминација.
"Сакам белите луѓе во нашата земја да сфатат дека имаме системски расизам", неодамна порача Хилари Клинтон. Некој што последен пат ја има слушано неа пред 10 години, ваквата изјава комплетно би го збунила.
Но денешната Хилари не е идеолошки различна само од онаа Хилари во 2008. Таа денес е различна и од Хилари лани бидејќи мораше својата кампања да ја моделира и прилагоди на темите кои уверливо и страсно ги наметна Сандерс. И да отиде полево отколку што планираше.
"Јасно е дека Клинтон брзо и решително ќе сврти десно веднаш штом успее официјално да го елиминира Сандерс но триумфот на неговата субверзија е во тоа што за да се врати таа во центарот, сега има многу подолг пат за трчање", пишува Исак Котинер во Слејт.