Додека Киев е под постојан десант од високи ЕУ функционери кои сакаат да се сликаат со Зеленски и да ветат што сè ќе и дадат на Украина, Брисел се уште не може да излезе од лавиринтот на удоволување на секого.
Громогласните ветувања за откажување од руска нафта и гас, и понатаму одекнуваат на секоја ЕУ прес-конференција, за во пракса решенијата што се донесени да бидат речиси неупотребливи. Па така, за сега најригоризниот план на ЕУ предвидува исклучок за Чешка, Унгарија и Словачка да можат и понатаму да увезуваат руска нафта (што отвора можност за масовно прекршување на санкциите), а целата борба против плаќање гас во рубљи заврши со капитулација на ЕУ.
Во исти рамки е и амбицијата за итно примање на Украина во ЕУ. Фон дер Лејен постојано е меѓу климање со глава на барањата на Киев и кревање со раменици дека тоа нема да може да се случи заради компликации во Унијата. Макрон беше прв и најдиректен околу ова прашање нудејќи му на Зеленски формирање и прием во „Европската политичка заедница“, нешто од старт е толкува како вечна чекална за кандидатите за ЕУ.
„За Париз и Берлин украинската криза не е само безбедносно прашање, туку таа би можело да ја одреди идната поделба на моќта во ЕУ.
Најпрестижните позиции во ЕУ ги држат западноевропски политичари, рефлектирајќи го дизбалансот меѓу Источна и Западна Европа (премиерка, гувернерка, министер за надворешни, претседател на Совет се од Запад).
Источноевропските влади јасно покажаа дека овој статус-кво е се повеќе неприфатлив за нив, а војната во Украина им даде дополнителна самодоверба за да го изменат.
ЕУ е изградена околу Германија и Франција, и двете држави љубоморно ги штитат своите позиции како највисоки носители на одлуки во Европа. На функционерите во двете држави им е јасно дека ЕУ со Украина би можела да доведе до конкурентска Варшава-Киев оска, нешто кое не го сакаат ни Франција ни Германија. Украина и политички и културолошки е поблиска до Полска отколку до Германија, што значи дека моќта на Германија во ЕУ ќе биде значително ослабена и заменета од растечко источноевропско влијание.
Овие мисли можеби изгледаат цинични наспроти херојската борба на Украина и нејзиниот народ, но би било грешка да се верува дека борбата за надмоќ во Унијата е заменета од универзално почитувани идеали,“ пишува Ралф Шулерхамер во текстот за Вол стрит журнал.