Новата мисија на САД во Украина е попис на американското оружје

Американските инспектори извршиле инспекција во живо на само околу 10% од 22.000 парчиња оружје што САД и ги има испратено на Украина, а за кои се бара специјален надзор.

Белата куќа воведе нови мерки за мониторирање на оружјето донирано на Украина, од кои неименувани американски функционери очекуваат да се постигне „разумно“ ниво на усогласеност на американските правила за надзор на истото ова оружје. Истите овие функционери признаваат дека е малку веројатно дека ќе се успее да се исполнат 100% од потребните проверки на инвентарот на оружјето пратено во Украина.

Вашингтон пост пишува дека од затворањето на американската амбасада во Киев во февруари, американски инспектори успеале да спроведат само две инспекции во живо на оружјето и муницијата за кое е неопходен зголемен надзор.

Украински и американски функционери тврдат дека не знаат за ниту еден случај на недозволена употреба или трансфер на американско оружје во Украина. Според нив, во случај на црниот пазар да се појави американско оружје, тоа може да е од руски војници кои го заплениле оружјето на фронтот.

Препораките од експертите во исто време се дека американските власти не треба само сега да контролираат што се случува со нивното оружје, туку да изработат и подолгорочен план кој ќе се погрижи за вишокот на американско оружје по завршувањето војната. Ова им е посебно важно на Американците заради репутацијата што ја разви Украина околу шверцот на оружје по крајот на Студената војна.

Моментално најголем дел од опремата што и е дадена на Украина е под „минимално следење“. Пример, за муниција за лесно вооружување или заштитна опрема, американски офицер само го надгледува трансферот од американски во украински раце.

Кај пософистицирана или чувствителна опрема има дополнителни проверки, вклучително и годишна инспекција која по правило треба да се изврши од американски офицер кој треба да утврди дека тие се безбедно складирани и дека имаат соодветни сериски бројки. Оваа категорија ги опфаќа на пример Свичблејд дроновите и уредите за ноќно гледање.

За поголеми парчиња оружје и опрема, пример ХИМАРС или М777 хаубици, не е потребен зголемен надзор.

4 ноември 2022 - 11:19