Членката основач во чиј главен град во 1957 беше поставен темелот на ЕУ, и трета по големина економија во Унијата, повеќе години флертува со евроскептицизмот прво како последица на финансискиот крах, а потоа и под притисок од бранот бегалци од Африка, и двете теми за кои ЕУ главно немаше разбирање.
„Но кога ковид-19 ја погоди Ломбардија, Италијанците сепак очекуваа дека Европа ќе дојде да им помогне без ниту едно ’ама’.
Ама, наместо тоа тие добија лекција по правила на користење на ЕУ, надополнети со игнорирање.
Германија и Франција трупаа заштитна опрема за себе, а Кристин Лагард во Европската централна банка ги отфрли нивните финансиски јадови.
Од тогаш беа понудени и пари и извинувања, ама почетното двоумење остави рана,“ пишуваат Џон Фолан и Алесандра Миљачо во текстот за Блумберг.
Гневот кон ЕУ овие неколку месеци еволуираше многу повисоко од дофатот на Салвини, за да достигне сосема нови нивоа не нетрпеливост па сега тој се простира од италијанската Централна банка до кабинетот на премиерот Конте. Во едно истражување од месецов, 59% од анкетираните Италијанци одговориле дека ЕУ каква што е сега повеќе нема никаква смисла. Во друга, Италијанците ја опишуваат Кина како пријател, а речиси за половина Германија е непријателот.
Во четврток Конте ќе има уште еден видео-самит со лидерите од ЕУ, каде ќе се обиде да извади објавување на „заеднички обврзници“ кои за Италијанците „ја симболизираат солидарноста што северна Европа не им ја пружи“.
Сепак процените се дека Конте нема да го добие тоа што го сака, затоа што Меркел и Марк Руте не се подготвени на таква политичка жртва, што значи дека Италија само ќе продолжи со евроскептицимот. Процената на Макрон на целата ситуација е дека заради ова би можело да се случи колапс на ЕУ.
Тоа што оди во корист на Холандија и Германија е што последен пат кога ЕУ беше пред распад, заврши со капитулација и повлекување на Грција, а во исто време и на Рим му е јасно дека економскиот пакет што сега му е понуден е добар.
Сепак кај Италијанците премногу е свежо сеќавањето како во февруари додека вирусот се ширеше низ земјата, Европа и го сврте грбот на Италија и гледаше по дома да се среди со залихи и капацитети, додека холандскиот министер за финансии имплицираше дека Италија самата е виновна за страдањата во кои се најде.
Конте на видео-самитот ќе се појави како премиер од нестабилна коалиција, која на домашен терен мора да се бори против Лигата на Матео Салвини, моментално најпопуларната партија во Италија. Од првиот ден откако беше исфрлен од Владата, Салвини чека нова шанса за повторно да дојде на власт.
Во минатото Салвини во повеќе наврати ја споменуваше идејата за отфрлање на еврото. Како што напредуваше низ хиерархијата и го следеше јавното мислење (во тоа време), Салвини го стишуваше бунтот против еврото. Повеќе тој нема потреба од тоа.
На крајот од март, Салвини порача:
„Тоа не е ’Унија’. Тоа е гнездо на змии и чакали.
Прво ќе го поразиме вирусот, па потоа одново ќе размислиме за Европа.
Ако ни врши работа, ќе кажеме збогум. Без да кажеме ви благодариме“.