Иако сред сите проблеми со снабдувањето и 10-дневниот прекин преставува сериозно нарушување на планот за полнење на резервите со гас, најголемиот кошмар на германската влада и индустрија е дека гасоводот нема да се врати во погон по завршеното одржување или пак тоа никогаш нема да заврши.
Доколку тоа се случи германската влада се очекува да воведе рестрикции на користењето гас во земјата, а Блумберг предвидува дека последиците речиси сигурно ќе бидат длабока рецесија за Германија, која ќе се прелие и на остатокот од Европа.
„Иако Москва негира дека ја користи енергијата како оружје, равенката на Путин е праволиниска колку што е и цинична.
Европа е очајна да ги наполни своите резерви за да може да продолжи да ги грее домовите а фабриките да работат низ зимата. Па колку побрзо Москва делува за да направи проблеми на пазарот на природен гас, толку повисоки ќе бидат цените и толку повеќе време ќе има Русија за да го собира пленот,“ објаснуваат од Блумберг.
Во Германија владата веќе некое време го подготвува народот за очекуваната енергетска криза, од споредби со инфлациите во 1960-те и 1970-те, до совети за намалување на потрошувачката и снижување на температурата во јавните базени и канцеларии или стушување на уличните светилки.
Владата исто така одлучи итно, со над 9 милијарди евра, да го спасува најголемиот купувач на руски гас, Унипер, кој е и клучен снабдувач со гас на локални јавни сервиси.
Една од посериозните германски мерки беше повторното стартување на електраните на јаглен, што според процените во следните 12 месеци за 52% ќе ја намали количината на руски гас што го троши Германија.
Дури и без целосно гасење на Северен тек, проценките на аналитичарите се дека еврозоната секако ќе влезе во рецесија без разлика кој е следниот потег на Русија.
Сега германскиот министер за економија признава:
„Ужасна грешка е што Германија стана толку зависна од една држава за снабдување со енергија, и таа држава е Русија.
Потребни беа децении за создавање на зависноста од руски гас, и сега ова се обидуваме да го промениме за неколку месеци.“
Викендов францускиот министер за економија и финансии, Бруно Ле Мер, порача дека има сериозни шанси дека Москва целосно ќе го изгаси снабдувањето со гас на Европа и дека „денес тоа е најверојатната опција“.