Франсис, Франческо, или во словенскиот католички свет - Фрањо, е прв папа од редот на језуитите, прв кој доаѓа вон Европа по повеќе од еден милениум, прв од двете Америки, и прв од Јужната хемисфера. Тој е исто така првиот папа по Јован Павле I кој одбра претходно неупотребено папско име, во чест на светиот Фрањо Асишки.
Роден е во 1936 како петто дете во семејство на италијански имигранти во Аргентина, а татко му работел на железница. Во младоста, како резултат на инфекција, останал без едно белодробно крило. Од 1998 служел како Архиепископ на Буенос Аирес, а бил прогласен за кардинал во 2001. Но пред воопшто да се посвети на теолошките студии, магистрирал хемија и, како што самиот изјавил во едно интервју, сакал со девојката да игра аргентинско танго.
Како кардинал Бергољио станал познат по личната понизност, доктринарниот конзервативизам и посветеноста на социјална правда. По смртта на Јован Павле II бил сметан за еден од фаворитите за нов папа, но на изборот од 2005, иако бил многу блиску до Бенедикт XVI, во еден момент наводно самиот побарал да не се гласа за него.
Но за разлика од неговите ставови во корист на социјално онеправданите, а против политиката на слободни пазари заради која според него милиони Аргентинци останале без работа, неговите позиции во врска со хомосексуалноста, еутаназијата и абортусот се прилично ригидни. Тој во 2010 силно се спротиставил на законите која ги предложила аргентинската влада за дозволување на истополовите бракови, нарекувајќи го ова „вистинско антрополошко назадување". Во писмо до манастирите во Буенос Аирес тој напишал: „Да не бидеме наивни, тука не зборуваме за едноставна политичка битка, ова е деструктивен обид за рушење на Божјиот план. Ова значи ставање во погон на Татко на лагите, која ќе доведе до збунетост и мамење на Божјите деца". Аргентинската претседателка Кристина Фернандез де Киршнер му возвратила со тоа дека „црковниот тон ја потсетува на средниот век и Инквизицијата".
Најконтроверзниот настан поврзан со неговата досегашна работа се случил во 2005, кога еден адвокат за човекови права поднел кривична пријава против Бергољио, обвинувајќи го за наводно учество во киднапирањето на двајца језуитски свештеници од страна на воената хунта во 1976. Хорацио Вербитски, аргентински новинар и истражувач напишал книга на оваа тема под наслов: „Тишина: од Павле Шести до Бергољио, или тајните врски на црквата со ЕSMA“ (Escuela Superior de Mecánica de la Armada), морнаричко училиште кое се користело како затвор за време на владеењето на хунтата, кој уште се нарекува и „Аргентински Аушвиц". До денес случајот не е расчистен, меѓу другото и заради тоа што самите жртви на киднапирањето одбрале да молчат.