"Во 1988-ма кон крајот на ирачката војна со Иран, САД преку сателитски снимки откриваат дека Иран е на добар пат да добие сериозна стратешка предност преку искористување на дупка во ирачката одбрана. Американските тајни служби итно им ја пренесуваат на Ирачаните локацијата на иранските трупи, притоа комплетно свесни дека армијата на Хусеин ќе нападне со хемиско оружје, вклучувајќи и сарин. Ирачаните годината веќе неколку пати користеа боен отров и сарин, што сериозно ја зголеми нивната доминација во војната и го натера Иран да седне на преговарачка маса," потсетува Форин Полиси на настаните од крајот на војната меѓу Иран и Ирак.
САД знаеле, а во еден случај и помогнале во ирачките хемиски напади против Иран. Уште во 1983-та САД ги имале првите докази дека Ирак користи хемиско оружје.
"Администрацијата на Реган одлучи дека би било подобро да се остави нападите да продолжат доколку тие можат да го променат правецот на војната (н.з. во корист на Ирак). Па дури и да беа откриени докази, ЦИА процени дека меѓународниот гнев и осуда ќе бидат замолчени.
Во документите, ЦИА тврди дека Иран може и да не открие убедливи докази за користењето на хемиското оружје - и покрај тоа што агенцијата веќе имала. Исто така агенцијата забележа дека Советскиот Сојуз претходно користел хемиско оружје во Авганистан, што завршило без реперкусии по нив," пишува Форин Полиси.
Во тоа време највисоките функционери, меѓу кои и директорот на ЦИА, биле запознаени со локациите на ирачките фабрики за хемиски оружје. Тие знаеле и дека фабриките работат под полна пареа и дека Ирачаните веќе имаат нарачано нова опрема од Италија за да го постигнат капацитетот потребен за задоволување на побарувачката од фронтот.
Тогашните сателитски снимки што ги имале Американците, покажувале дека пред секоја офанзива Ирачаните пренесувале хемиско оружје на локацијата на новиот фронт.
Сето ова време, најголемиот страв на Американците бил дека заради се почестото користење на хемиско оружје, иранската војска некако ќе успее да дојде до проектил со боен отров на кој има ирачки обележја и ова ќе го претстави како доказ пред О.Н. и ќе го обвини САД за учество во прекршувањето на меѓународното право.
САД го одобрувал користењето на бојни отрови затоа што сметале дека тоа е неопходно за Ирак да може да доминира и потенцијално да ја добие војната. Хемиското оружје било клучно за уништување на иранската стратегија од првите години од војната, против која Ирак немал никаков друг одговор.
Иако во првите години од војната, САД одбива да соработува со Садам, во 1986-та сето ова се менува и тие на Ирак му обезбедуваат постојан доток на стратешки информации. Според ЦИА, две третини од целото хемиско оружје е искористено во последните 18 месеци од војната.
Форин Полиси ја открива аферата анализирајќи декласификувани материјали од Националната архива, во комбинација со ексклузивни интервјуа со поранешни функционери на тајните служби на САД.