На почетокот на 1990-тите, Шведска западна во финансиски колапс.
„Имавме банкарска криза, криза со девизниот курс, со трошоците... Кога сето тоа експлодираше, завршивме и со фискална криза“, се потсетува Стефан Ингвес, кој беше гувернер на централната банка на Шведска од 2006 до 2022 година.
Шведската централна банка (најстара во светот) ги зголеми каматните стапки на 500%, невработеноста се зголеми петкратно, достигнувајќи, за Шведска, рекордни 11,2% и економијата потона во длабока тригодишна рецесија.
До 1995 година, општиот бруто владин долг на Шведска бил еквивалентен на 68,9% од БДП на земјата. До 2024 година, паднал на 33,9%.
Додека кризата траеше во 1990-тите, шведскиот министер за финансии, Горан Персон, отишол во Њујорк за да убедува инвеститори да продолжат да купуваат шведски долг.
„Ако сте во долгови, не сте слободни. Суштината беше дека или моравме да ја поправиме состојбата или да се обратиме до Меѓународниот монетарен фонд. Постоеше политички консензус дека треба да го решиме проблемот сами, за да можеме сами да одлучуваме за судбината на нашата земја,“ вели Ингвес.
Во 1993 година, тогашниот премиер Карл Билд создава комисија составена од економисти и креатори на политики од сите партии која вади план за излез од кризата од 113 препораки.
Главно, буџетот се става во построга рамка и се креира озгора надолу, за разлика од претходно, кога тој бил збир на сите ставки на побарани расходи.
Клучно е што во 1997 година, Шведска воведува ново фискално правило по кое јавниот буџет треба да има суфицит од 2% за време на деловниот циклус - обично во период од три години.
„Откако ќе ги воспоставите овие работи, речиси автоматски го амортизирате долгот“, вели Ингвес.
Новите фискални правила значеле намалување на трошоците, кон што владата пристапила прагматично и согласно шведскиот модел на држава. Таа сакала да избегне намалување на социјалните услуги па се фокусирала на намалување на програмите кои се состојат од парични трансфери.
Така се создал систем на огромни субвенции за изградба на куќи и намалени надоместоци за невработеност.
Меѓу другото, фискални правила предвидувале секое министерство што предлага некое зголемување на трошоците, истовремено да предложи кој трошок би го намалиле за да се плати посакуваното зголемување.
Во склад со профилот на домашната економија, Шведска го напушта својот фиксен девизен курс на круната во 1992 година. Вредноста на нејзината валута паднала за повеќе од една петтина но тоа го поттикнало извозниот сектор чиј удел во БДП, од 26% се зголемил на околу 54%.
Во 1985 година, за камати на јавниот долг, Шведска плаќала 10,9% од нејзиниот БДП. Сега тоа е паднато на само 0,7%. Бидејќи земјата веќе не крвари за камати на долгот, остануваат повеќе јавни пари за инвестирање во услуги и намалување на даноците.
Тоа е можно иако од 1990 година, шведските даночни приходи се намалиле од 49,9% од БДП на 40,5%.
„Не можете засекогаш да ѝ пркосите на гравитацијата. Подобро е сами да го направите тоа што треба, отколку другите да ви кажуваат што да правите“, порачува некогашниот прв човек на шведската централна банка.

Можеби небитно ама: шведската централна банка е креирана во 1668 година. Само 235 години подоцна, ние креиравме - црешово топче.