„Колку си по на исток, толку помалку инфраструктурата може да ја издржи тежината на американските, германските, британските и холандски тенкови, проблем се мостовите.
Мора да покажеме дека можеме да се движиме брзо или побрзо од руската федерација во Сувалки процепот (мало тесно парче рамнина меѓу Полска и Литванија, и Русија и Белорусија кое ги поврзува балтичките членки на НАТО со остатокот од Алијансата) или во Романија,“ изјавува пензионираниот генерал и поранешен генерал на американската армија во Европа, Бен Хоџес.
Проблемите со инфраструктурата им се очигледни на сите со години, бидејќи додека НАТО се шири на исток, инвестициите во патишта и железници стагнираат. И покрај ваквите стратешки потреби, ЕУ не планира никакво итно зголемување на инвестициите во ова поле.
Минатата година, надлежните на ЕУ за инвестирање во инфраструктурни објекти, ЦЕФ, решија да одвојат 1,7 милијарди евра за „воена мобилност“. Првично беа побарани 6,5 милијарди евра.
Минатата недела ЕУ дипломатите се согласија да потрошат уште 340 милиони евра за овие потреби, меѓутоа за 22 главно мали проекти - речиси сите во Централна Европа. Пример подобра железничка поврзаност меѓу Антверпен и Германија и апгрејд на два аеродроми во Полска.
Еден од функционерите што учествува во разговорите, изјавил дека е договорено следните преговори за овие пари да бидат префрлени од септември во мај годинава.
Тоа што ЕУ функционерите го викаат напори, за критичарите е далеку под потребното за подготвување на континентот за воени закани, или како што ќе каже романскиот евро-пратеник Маријан-Жан Маринеску „парите се смешни“ и се „речиси ништо“ во споредба со стратешките потреби на Унијата.
Тоа што го зборува Маринеску го потврдува и Хоџес кој објаснува „само да се движиш во Романија преку Карпатите е многу тешко со тенк товарен на камион.“
Маринеску бара итно инвестирање во инфраструктурата, наместо да се чека новиот буџет на ЦЕФ во 2028. На расправата на комитетот за транспорт, тој побара да се извадат средства од буџетот на ЕУ за закрепнување и отпорност од 232 милијарди евра, создаден за потребите на пандемијата, и да се финансираат инфраструктурни проекти.