Емиратите се пребогати, со девизни резерви од 270 милијарди долари и суверени фондови од билиони долари, но ракетирањата од Иран и затворањето на Ормускиот проток - како реакција на војната што ја почнаа САД и Израел - сериозно ја оштетија енергетската инфраструктура и ги оптоварија приходите деноминирани во долари.
Значителната фискална, економска, надворешна и политичка флексибилност на ОАЕ ќе дејствува како ефикасен тампон против економските ефекти од војната... Но, ризикот од долгорочно нарушување на извозот на нафта и оштетувањето на инфраструктурата додава јасен ризик на очекувањата, оцени Фирмата за кредитен рејтинг S&P Global во извештај од 6 март.
Гувернерот на Централната банка на ОАЕ, Халед Мохамед Балама, пред една недела во Вашингтон ги предупредил министерот за финансии Скот Бесент и претставниците од Федералните резерви дека долгата војна со Иран може да нанесе голема штета врз економијата на ОАЕ – да ја загрози нивната позиција на глобален финансиски центар, да ги исцрпи девизните резерви и трајно да ги одврати инвеститорите, кои некогаш ги гледаа Емиратите како стабилно и безбедно место за своите пари.
Балама предложил, но не инсистирал, да се воспостави линија за размена, што на Централната банка на ОАЕ би ѝ дало евтин пристап до долари за да ја поддржи својата валута или да ги зајакне своите девизни резерви во случај на криза со ликвидноста.
Делегацијата притоа предупредила дека ако нивната земја остане без долари, ќе биде принудена да користи кинески јуани или валути на други земји при продажба на нафта и при трансакции.
Тоа би било голема закана за стабилноста на американскиот долар, кој доминира меѓу глобалните валути делумно поради неговата речиси ексклузивна употреба во трансакциите со нафта. Губењето на оваа привилегија на доларот би се одразило и во други области на глобалните финансии, вклучително и на пазарот на обврзници.
Аналитичари од Дојче банк во март предупредија дека војната во Иран би можела да ги влоши пукнатините што веќе се формираа во режимот на петродоларите.
Штетата врз економиите на заливските земји може да поттикнат намалување на нивните девизни заштеди. Во овој контекст, треба внимателно да се следат извештаите дека преминот на бродовите низ Ормускиот теснец може да биде одобрен за плаќања на нафта во јуани. Конфликтот може да се запомни како клучен катализатор за ерозија на доминацијата на петродоларот и почетокот на петројуанот, пишува во извештајот.
Изворите на Волстрит журнал тврдат дека политичкиот комитет на Федералните резерви на САД нема да одобри специјална линија за ОАЕ, какви што има со централните банки на Британија, Канада, Јапонија, Швајцарија и Европската Унија.
Во периодот на ненадеен стрес во 2020 година, линиите беа проширени и до централните банки на Мексико, Бразил, Јужна Кореја и на уште шест земји. Министерството за финансии, независно од Федералните резерви, лани обезбеди размена од 20 милијарди долари за Аргентина преку Фондот за стабилизација на девизниот курс.
******
Види и: Петројуанот ќе го замени петродоларот?