"Трето, и веројатно и најважно, затоа што кандидатурата на Џеб му даде изговор на Трамп за да го напаѓа Џорџ Буш. Кога Трамп минатиот октомври почна да го омаловажува поранешниот претседател и истото го продолжи и минатата недела, голем број политичари предупредија дека сето тоа лошо ќе се заврши за Трамп.
Не се заврши лошо. Напаѓањето на Буш излезе дека е клучно за привлечноста на Трамп," пишува Питер Бејнарт во Атлантик.
Токму борбата што ја води Трамп со етаблираните Републиканци е една од клучните основи по кои тој ги освојува гласачите. Бејнарт објаснува дека неговите симпатизери се свесни дека како што либералните елити гледаат да ја турнат под тепих дебата околу влијанието на мексиканските имигранти врз економијата, или потенцијалната опасност од муслиманските мигранти, така знаат дека и конзервативните елити имаат што да кријат, дека трговските договори им штетат на американските работни места, и дека големите донации влијаат на владините политики.
"А веројатно најголемата 'политички коректна' невистина е дека 'Џорџ Буш ја бранел Америка.' Фразата е крајно орвеловска. Орвеловска затоа што Буш не ја заштити Америка од најголемиот терористички напад во историјата. Тој не се ни трудеше нешто посебно. Главниот советник на Буш за анти-тероризам, Ричард Кларк, и голем број други, детално ја опишаа индиферентноста на поранешниот Претседател кон заканата од Ал-Каеда за време на првите девет месеци од мандатот.
Исто така орвеловски е да кажеш дека Буш ги заштитил Американците по 11-ти септември, бидејќи тоа игнорира над половина милион Американци кои страдаат од физичка повреда или пост-трауматски стрес како резултат од нивната служба во Авганистан или Ирак, додека тој беше претседател. Џеб, и донаторите кои плаќаа по 100.000 долари од човек за да присуствуваат на неговите говори, може не знаат голем број вакви луѓе. Меѓутоа гласачите на Трамп знаат," пишува Бејнарт.
Она што му успева на Трамп е да стигне до луѓето "кои чувствуваат како нешто да губат. Што подобро го опфаќа ова чувство на пораз отколку убиствен напад на најголемиот американски град, по што следува неспретна и нечесна војна во која загинуваат уште илјадници Американци, без никаква добра причина?"
"А кој подобро ја енкапсулира оваа 'политичка коректност' отколку Џеб Буш, примерот за син наследник, кој го велича својот брат, што го дозволи овој напад и ја водеше оваа војна, дека 'ги заштитувал Американците'?
Во бизарен пресврт, Доналд Трамп стана инструмент на класна освета... Тој на своите гласачи им го даде задоволството да гледаат како Џеб Буш губи," порачува Бејнарт.