Психолозите со години се мачат да дијагностицираат дали некој е егоистичен, самозаљубен и суетен како митолошкиот Нарцис, користејќи тестови со повеќе од 40 точки. Сега дилемата, доколку постои, може да се реши со едно единствено прашање.
Тоа гласи: „До кој степен се согласувате со ова тврдење: јас сум нарцисоиден", со дополнително објаснување за тоа што значи овој термин. Од испитаниците се бара да одберат број помеѓу 1 (не важи за мене) до 7 (важи во голема мерка за мене).
Поентата е дека ако мислите дека сте самозаљубени, веројатно сте во право. Ако не сте сигурни, овој онлајн тест базиран врз споменатото прашање може да ви ги разреши дилемите . Ако се снебивате да кликнете на седмицата, не му се мислете многу, луѓе го прават тоабез око да им трепне.
„Нарцисоидните немаат голем проблем да признаат дека се такви", вели Бред Бушман, ко-автор на статијата на оваа тема и професор по комуникација и психологија на државниот Универзитет во Охајо. „Тие мислат дека заслужуваат посебен третман и не се обидуваат да го скријат тоа од другите".
По 11 различни студии кои вклучувале повеќе од 2,000 учесници, истражувачкиот тим дошол до резултат дека оние кои високо котирале на тестот за нарцисоидност истовремено покажувале и други карактеристики кои се некако логично поврзани со него, како низок степен на емпатија, стапување во поповршни меѓучовечки врски, поголема агресија, па дури и убеденост дека треба да бидат платени повеќе од нивните колеги. Вообичаено се работело за помлади луѓе од оние со пониски резултати на скалата за нарцисоидност.
Ова според авторите на студијата може да биде корисно не само за дијагностичарите кои сега можат да ја завршат работата за само 20 секунди, туку и во случај да се бара потенцијален партнер или нов вработен. Едноставно, поставете му го прашањето. Доколку човекот е навистина нарцисоиден, тој (или таа) нема да има проблем да го признае тоа, бидејќи љубовта кон себеси ја доживува како сосема оправдана.