
На плоштадот Тјенанмен во Пекинг, НР Кина, за време на протестите во 1989 година, загинале најмалку 10.000 луѓе, покажуваат нови де-класифицирани документи од тоа време, објави Индепендент. Станува збор за документ кој, наводно, бил напишан на 5 јуни 1989 година од страна на тогашниот британски амбасадор сер Алан Доналд, само околу 24 часа по интервенцијата на војската. Оваа бројка е многу повисока од претходните проценки кои беа објавени - според кинеската влада имало меѓу 200 и 300 загинати, додека кинескиот Црвен крст тврдеше дека биле убиени околу 2.700 лица.
Протести во 1989 година имаше и во други кинески градови но нивниот епицентар беше плоштадот Тјенанмен во Пекинг. Беа предводени од студенти, интелектуалци и активисти кои демонстрираа од 15 април до 4 јуни а повод беше смртта на поранешниот генерален секретар на Комунистичката партија на Кина, Ху Јаобанг, кој се залагаше за демократизација во земјата и кој заради тоа беше принуден да поднесе оставка на функцијата. Студентите се залагаа за борба против корупцијата и бараа слобода на медиумите. Очекувањата на владата дека протестите ќе бидат краткотрајни и ќе се смират со мали козметички промени, не се остварија.
Задушувањето на протестите започна ноќта на 3 јуни и до рано изутрината кинеската војска ги истера протестантите од плоштадот, но целата акција беше проследена со многу цивилни жртви.
Документот на кој што се повикува Индепендент, дава и повеќе ужасни детали за настаните што се случиле за време на интервенцијата на војската. Тој бил доставен до Националниот архив на Велика Британија, каде што бил пронајден од веб-страницата за вести HK01.
Според весникот, амбасадорот го темелел извештајот на информации од извор кој разговарал со „добар пријател“ во Државниот совет на Кина, всушност владејачкиот кабинет.
„Членот на Државниот совет претходно се докажа како сигурен и внимателен да ги двои фактите од шпекулациите“, напишал амбасадорот.
Во 2014 година во медиумите беше објавено дека доверлив допис на владата на САД цитирал кинески воен извор, според кој внатрешната проценка на комунистичкиот режим верувала дека биле убиени 10.454 луѓе - бројка што одговара на првичната проценка на амбасадорот Алан.
Кинеската влада отсекогаш го карактеризираше одговорот на протестите на плоштадот Тјенанмен како „легитимна одбрана против контрареволуционерниот бунт“.