До сега се знае дека САД имаат ветено дека на Украина ќе и испратат 16 од овие ракетни системи со непознат број на ракети. Украина бара да и бидат испратени 100 ХИМАРС-и, што е 20% од вкупната залиха што САД ја има од овие системи.
„Се додека имаш 12 до 20 ХИМАРС системи, стапката на трошење муниција нема да биде краткорочен проблем. Кога ќе почнеш да трошиш повеќе од тоа, и тоа трае три месеци, четири месеци, мислам дека на крајот од 4-те месеци, резервата ќе ти се потроши,“ објаснува полковникот Марк Канкиан, поранешен вработен во одделот за набавка на Пентагон.
Во слична насока алармира и пензионираниот генерал Марк Хертлинг, поранешниот командант на американската армија во Европа и со Седмата армија. За него САД имаат залиха, ама производителот има капацитет за производство од само 9.000 проектили годишно, па полека снабдувањето на Украина со муниција за ХИМАРС почнува да станува ризик за САД во случај „во блиска иднина да влезат во судир со Русија или друга голема армија.“
Математиката на Хертлинг е дека ако Украина има 16 системи, а секој од нив е со капацитет за 6 проектили, и тие само по два пати на ден истрелуваат по 6 ракети, тогаш Украина месечно би трошела нешто помалку од 5.800 ракети.
Со оваа стапка, украинската потрошувачка на ракети за ХИМАРС би трошела по околу 29% од целата набавка што САД ја планираат за следните 5 години.
Доколку Украина некогаш ги добие бараните 100 ХИМАРС тоа драстично би ја променило потрошувачката, до степен тешко издржлив за САД, дури и математиката на Хертлинг да се преполови.
„Ограничувањето на ХИМАРС е бројот на ракети што е достапен, а не бројот на системи,“ порачува Канкиан.