Во Баварија сè се чини пасент. Улиците се чисти, невработеност речиси и не постои (под 3%), социјалните бенефити се великодушни а тинејџери од зезање понекогаш носат дирндли и кожни пантоли во диско.
Па сепак, тоа е новиот центар на гневот во Европа, пишува Њујорк тајмс опишувајќи ја состојбата и атмосферата која доста се разликува од пред почетокот на мигрантската криза. Оттогаш крајните десничари олицетворени во АфД константно растат а и традиционалните конзервативци скршнуваат десно, сè почесто намигнувајќи си со полу-авторитарниот унгарски премиер Виуктор Орбан и десничарската австриска Влада на Себастијан Курц. Се зборува за формирање „Оска на оние кои имаат волја“ во која влегува и новиот италијански министер за внатрешни работи Матео Салвини.
„Популизмот стигна во срцето на Европа“, оксфордскиот професор по историја, Тимоти Гартон Еш. „Денес имате клучни европски партии кои ја спроведуваат Орбановата политика кон мигрантите“.
Есента 2015 Баварија се наоѓаше на фронтот на ударните бранови бегалци, дневно процесирајќи по десетици илјади лица дојдени преку 815 километри долгата граница со Австрија. Баварците тогаш добија кудос од светската јавноста за покажаната хуманост и ефикасност со која и администрацијата и доброволците се справуваа со кризата. Паметите, бегалците беа дочекувани со аплаузи на железничките станици, спортските сали брзо беа претворени во прифатни центри, локалците сами импровизираа народни кујни за дојденците.
Три години подоцна, расположението е прилично сменето.
„Нашиот совршен свет беше протресен. Луѓето почнаа да се плашат“, вели возрасен Баварец од локален стрелачки клуб.
Од што е стравот, никој не е точно сигурен. Економијата не ќе да е причина за растечкиот популизам, со оглед на перформансите на баварската машинерија која 8 години по ред расте повеќе од останатите германски региони.
Што би рекол градоначалникот Бајербрун, село во околината на Минхен:
„Нема потреба да ја правиме Баварија повторно голема. Таа веќе е голема“.
Ќе да е нешто околу идентитетот и стравот тој да не биде начнат или пореметен од новите времиња. А Баварците се горди на својот идентитет уште од времето на отпорот кон пруската доминација во 19-от век. По Втората светска војна, Баварштината е единствениот национализам во Германија кој се толерира.
„Секогаш си можел да го бајпасираш германското табу за национализмот со тоа што си Баварец“, објаснува директорот на еден културен институт во Минхен.
Сериозните промени во баварската атмосфера се рефлектираат низ неколку конкретни проекти:
- Неодамна беше отворено „министерство за татковинство’ (heimat, што на нашки би било „стариот крај“) кој треба да го негува фолклорот и традицијата и да пренасочува инвестиции и работни места од урбаните кон руралните места.
- Од први јули баварска гранична полиција почна да патролира долж границата која се смета за отворена и номинално непостоечка
- Баварскиот премиер Маркус Зедер нареди поставување на христијански крстови на сите државни згради.
А и десничарите од АфД мама си тракале па ги цимаат Баварците со вешти идентитетски кампањи
Она што најмногу ги загрижува меинстрим аналитичарите е што на крајните десничари од АфД им оди одлично во време на силна и здрава економија. Што ли ќе се случи со таа популарност ако економијата почне да кашла?